МВР и одбрана ја успориле набавката на нов радарски систем

Радарот Селекс е најнов радар на скопскиот аеродром иако е од минатиот век. Врти од другата страна на автопатот спроти аеродром и ги следи авионите кои што слетуваат на скопската писта. Единствено тој не работеше на 7-ми мај кога слетуваше папата Франциск. Надлежните во М-Нав во февруари оваа година напишале во извештај до ЕБРД дека не е исплатливо одржување и замена на делови на овој радар затоа што резервни делови се тешки за наоѓање. Но само еден месец и еден ден подоцна Селекс-радарот, се расипува. Не функционира два месеци. Се врши интервентна набавка во неколку стотици илјади евра, се поправа радарот и повторно профункционира. И денеска работи без договор за одржување, а надлежните од М-Нав не откриваат ниту колку платиле за експресната набавка на делови туку во одговорите до Телма тврдат дека авио-сообраќајот е безбеден.

Во тек е изготвување и потпишување на Договор за одржување на радарот од компанијата Леонардо, се со цел превенирање на интервентни набавки на резервни делови. Договорот се планира да биде потпишан на 2 години. М-НАВ во своето оперативно сценарио како извор на радарска слика користи 5 радарски глави со што се постигнува повеќекратно покривање на воздушниот простор. Во тоа сценарио се предвидени и услови на работа во отсуство на една или повеќе радарски глави, поради отказ, сервисирање или тестирање. Во периодот април-мај 2019 година бројот на оперативни радари бил 4 (од можни 5), а во јули 2019 година бројот на оперативни радари е 5, велат од М-Нав.

Кога ќе се расипе радар треба да се изготви известување до сите авио-компании кои го користат аеродромот, како и до ТАВ кој управува со аеродромот. Исто така треба да се изготви НОТАМ, известување до сите кои летаат. Изворите на Телма тврдат дека во април имало издаден НОТАМ но немало известувања до сите активни авио компании на скопскиот аеродром. Од М-нав ни одговорија дека сите кои слетуваат треба да ги знаат информациите издадени во НОТАМ и во зборникот за воздухопловни информации, па пилотите преку тие информации да се подготват. Нашите извори пак тврдат дека најдобро е сите компании да бидат информирани па да ги планираат своите операции на најголемиот македонски аеродром. Решение за горливиот проблем е едно, брза набавка на нов радарски систем. Таа е закочена откако е променета локацијата за нов радарски систем и сега наместо во Старо Нагоричане, е избрано место на Скопска црна гора. Дополнително подготовките биле закочени затоа што новата локација била безбедносно заштитена, па иако новиот радар требаше да биде веќе во функција, сега во август се чека одговор од ЕБРД дали ќе го прифати новиот проект и колку ќе чини.

Ве инфомираме дека поставувањето претрпи одредено доцнење, поради чекањето одобрение за новата локација од страна на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана. Причината за одлагање на овој проект беше изнаоѓањето на локација која ќе биде на државно земјиште, наместо  претходната локација која беше на приватно земјиште, соопштија од М-Нав.

Контролата на летање функционира, но проблемите со радарскиот систем и набавките беа откриени преку тајно снимани разговори. Дури тогаш се откри дека лани во септември поради нестручен тест во Охрид имало пад на радарската слика над целата држава. За тоа М-НАВ до обвинителството поднела пријава против непознато лице, а сменет е тогашниот директор на техника Климент Чепуњовски. Владата уште не го испратила извештајот за инцидентот до обвинителството, а ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од генералниот секретар на владата и му поднесе кривична пријава поради како што тврдат мито за да се забрза работата со италијанската Леонардо, фирма која порано се викаше Селекс исто како и во април расипаниот радар.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ