Музеј на Град Скопје слави 70 години јубилеј

Со промоција на монографијата „70 години Музеј на град Скопје“ чии уредници се Фросина Зафировска и Емил Алексиевски и изложба и видео проекција во 3д мапинг технологија преку кој е претставен развојот на музејот низ девениите  –  Музејот на град Скопје го слави јубилејот 70 години постоење.

Мирисот и вкусот на овој тип културни институции длабоко го познавам и го чувствувам. Сентиментално сум врзана. Тоа се места каде се пресипуваат вековните културни вредности на татковината,  на народот кој живее во една земја, вели промоторот на монографијата акад. Вера Битракова Грозданова.

Во монографијата е направен обид да се претстават голем дел од нашите музејски предмети и уметнички дела од збирките на музејот. Таа ги содржи и обединува сите значајни настани и печатени изданија кои се резултат на неколку поколенија музејски работници, рече директорот на музејот Славко Лисичков.

За меѓународната активност  говори и фактот дека во Музејот на град Скопје публиката имала можност да ги види делата на Дејвид Хокни, Марина Абрамовиќ и Оља Ивањицки, големата изложба на германскиот експресионизам, богатството на Романови и многу други. Во претстојниот период Град Скопје ќе започне со целосна реконструкција на музејот. Јубилејот е најдобар миг за ваков потфат, додаде градоначалникот Шилегов.

За речеси еден месец со инвестиција вредна од околу еден милион евра ќе започнеме со целосна реконструкција на овој музеј.  Да блесне овој објект во полн сјај со цел ова богатство кое го имаме тука да биде презентирано на многу поубав начин одколку тоа што до сега беше, рече Шилегов.

Музејот на град Скопје во изминативе 16 години е носител на македонскиот павиљон на престижното Венециско биенале. Секој кој раководел со оваа институција во изминативе седумдесет години внел нешто ново, при тоа не заборавајќи да го негува тоа што го направиле неговите претходници, забележа академик Битракова Грозданова.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ