Може ли Битола да врати дел од вредните археолошки артефакти?

Битола годинава одбележува еден век од почетокот на археолошките истражувања,   кога  странски археолози  по Првата светска војна истражувале два локалитети во битолско, но дел од пронајдените артефакти ги однеле  во своите држави.

-Во локалитетот кај Бури се пронајде една прекрасна гробница, истражуваше Попов од Бугарија. За жал сите тие предмети се однесени во Бугарија и се чуваат во Народниот музеј во Софија. Истата година истражуваше и францускиот истражувач Пати кого го привлече Крстоар, тогашно Кристифорово. Таму се пронајдени неколу камени орудија од палеолитот и истите се наоѓаат во Франција, рече Аница Ѓоргиевска, археолог во Завод и Музеј-Битола.

Исто така голем број артефакти од битолско се наоѓаат во музеите во Лондон  и други европски земји, а во Народниот  музеј во Белград е  и една од репликите на статуата на божицата Атена Партенос пронајдена во 1931 година во близина на Битола. Археолозите велат дека тежок е процесот за враќање на ова културно наследство, но не е невозможен.

-На неколку пати се обидовме од белградскиот музеј и српските институции нешто да вратиме, но сепак тоа се меѓудржавни договори на највисоко ниво. Наше е како професионалци да притискаме и да инсистираме да се врати тоа културно наследство, вели археологот Енгин Насух од Завод и музеј-Битола

Сепак Битола сочувала голем  број  артефакти, а дел од нив беа претставени преку постер  изложба  „Еден век археологија во Битола“, во организација на битолскиот Завод и музеј.

Емилија Мисирлиевска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ