Многу неодговорени прашања за самоубиството на Епстајн

Федералното биро отвори официјална истрага за самоубиството на Џефри Епстајн милијардерот обвинет за сексуално злоставување на малолетни девојки. Безживотното тело на Епстајн беше откриено во неговата ќелија вчера утрото а истрагата ќе треба да утврди како тој успеал да се самоубие во една од најбезбедните затворски установи во САД. Дополнително ако се земе предвид дека пред две недели тој повторно пробал да си го одземе животот.

„Можам да ви кажам во име на жртвите кои ги застапувам дека кај нив има одредена доза на шок и неверување како федерланите власти дозволија вакво нешто да се случи под нивен надзор. Тешко ни е да поверуваме како му било дозволено да изврши самоубиство особено што до пред неколку денови беше под засилен надзор“, вели адвокатот на жртвите Спенсер Кувин.

Градоначалникот на Њујорк Бил де Бласио, на чија територија се наоѓа затворот каде милијардерот се самоуби, изрази сомнежи за целиот случај оценувајќи дека смртта на Епстајн им оди во полза на многу од вмешаните луѓе во случајот. Кратко по неговото самоубиство во јавноста почнаа да кружат бројни теории на заговор. Покрај за злоставување Епстајн беше осомничен дека подведувал малолетни лица во текот на своите познати забави во неколкуте негови домови на кои гости му биле многу звучни имиња на политичари и бизнисмени, меѓу кои и претседателот Трамп. Сега жртвите се надеваат дека по смртта на Епстајн властите вниманието ќе го насочат кон неговите соучесници.

„Има повеќе соучесници кои дозволиле овие работи да се случат, активни соучесници како и пасивни, кои гледале што прави тој но со години молчеле. Се надеваме дека федералните власти ќе тргнат по нив, продолжувајќи ја истрагата и по неговата смрт“, порача Кувин.

Милијардерот во 2008-та година се изјаснил за виновен по обвиненија за подведување малолетни лица и организирање проституција. Иако според тежината на делото можел да добие и доживотна казна затвор, Епстајн сепак со помош на високо платените адвокати и тогашниот обвинител на Флорида а подоцна и државен секретар за труд во администрацијата на Трамп, Александар Акоста издејствувал договор и бил осуден на само 13 месеци затвор. Дополнетото обвинение укажа дека одлуката на Акоста била незаконска и поради скандалот и реакциите од демократите тој во јули си поднесе оставка.

Игор Трајков

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ