Млада девојка почина од сепса две недели откако се породила

24 годишна родилка од Охрид завчера почина на КАРИЛ, откако се породила со царски рез пред речиси две недели. Причина за смртта е сепса, утврдиле лекарите. Родилката спаѓала во категоријата ризични пациенти затоа што од својата четиринаесетгодишна возраст боледувала од ретката болест лупус којашто може да го зафати секој дел од телото. По породувањето во охридската Општа болница, нејзината состојба неколку дена била влошена, па заради тоа таа била пренесена во Скопје.

„На Клиниката за гинекологија и акушерство веднаш е ставена на интензивно лекување, во шок соба и суспектна за сепса. Во текот на целиот престој на ГАК е мултидисциплинарно третирана. Од ехо-прегледот гинеколозите исклучија гинеколошко страдање.“ соопштија од Клиниката за гинекологија и акушерство.

Еден ден откако пациентката била примена на Гинекологија во Скопје, стручниот колегиум на болницата врз основа на конзилијарно мислење на тројца гинеколози, абдоминалец и пластичен хирург одлучил таа да биде поставена на машина за дишење.

„И покрај сите напори на лекарскиот тим состојбата постојано се влошуваше. Пациентката во исклучитело лоша состојба завчера во 14 часот е префрлена на КАРИЛ, каде и почина два часа подоцна.“ соопштија од Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје.

Од Општата болница во Охрид потврдија дека бебето се уште е кај нив – здраво и во добра состојба.

Петар Догов

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ