Мицковски: Наместо во вториот, парите за пензиите да се уплаќаат во првиот задолжителен пензиски фонd

Наместо во вториот задолжителен пензиски фонд, средствата на вработените работодавачите да ги уплаќаат во првиот задолжителен државен пензиски фонд, со цел обезбедување сигурна и надежна исплата на пензиите. Благајничките записи од Народна банка да се пренесат во хартии од вредност, а капиталните инвестиции, пак, масовно да се интензивираат.

Ова се дел од мерките што претстедателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција повторно и ги предлага на Владата со цел излез од економската криза поради актуелната епидемија.

Според Мицкоски, времето на вонредна состојба и епидемија не е политика, не е политички натпревар или партиски интерес и затоа и порача на Владата да послуша се што професорите, синдикатитие и коморите говорат.

-Важно е во овој момент да се преземат неколку работи. Првата која ја говориме и повторуваме веќе извесен период, а тоа е средствата кои што работодавачите за вработените ги уплаќаат во вториот задолжителен пензиски фонд, започнувајќи од 1 април да ги уплаќаат во првиот задолжителен државен пензиски фонд. На тој начин да обезбедат сигурна и надежна исплата на пензиите и да обезбедат ликвидноста на првиот задолжителен државен пензиски фонд, вели тој

Потоа, како што појаснува, во некои подобри времиња истите тие средства да ги вратат во вториот задолжителен приватен пензиски фонд, но, како што рече, зголемени со стапката на принос која што е еднаква на каматата на загубените парични средства.

Според Мицкоски, оваа мерка е веќе направена од неколку држави а во периодот што следува ќе го нпарават и другите држави.

Втората реформа која тој денеска ја појасни е благајничките записи кои се стерилизирани во Народната Банка под итно дел од нив, ако не и сите, да бидат пренесени и државата да ги запише во хартии од вредност или државни записи. На тој начин, според него, ќе се овозможи директна инекција од максимум 25 милијарди денари за македонското стопанство.

Потоа, додава тој, нека продолжи државата преку Министертсвото за финансии да бара надвор од можностите на нашата држава пари за да ги амортизира штетите од пандемијата во економијата.

-Сега и веднаш ве замолувам да дадеме инекција за македонското стопанство да спасиме што е можно повеќе работни места. Не го оставајте македонското стопанство два месеци на милост и немилост а потоа да зборува оној кој што ќе преживее, рече тој.

Според Мицкоски многу важна мерка е и интензивирање на капиталните инвестиции, но и да се отвори дебата со претходни заемодаватели кон комерцијални банки кои што веќе имаат некаков аранжман со нашата држава и Министерството за финансии да направат репрограм, за како што вели, наместо тоа што треба оваа година да го вратиме, да го вратиме следната или годината потоа.

-Потребно е робусно реализирање на капитални инвестиции, масовно реалзирање на капитални инвестиции. Против економска криза се бориме со многу двојно повеќе работа од тоа што сме го правеле претходно со многу повеќе реалзирани капитални инвестиции, додава Мицкоски.

Тој потсети дека пред неколку дена најавил дака ќе поднесе уредба со законска сила со која ќе се овозможи компаниите да добијат помош од држават во висина од 50 проценти од бруто трошоците за плата по вработен, односно највеќе до 27 илјади по вработен или последно исплатената просечна нето месечна плата за декември месец 2019, додавајќи дека оваа помош нема да важи само за месеците април и мај туку и за март.

-Чувствувам должност да соопштам дека иако уредбата беше прописно доставена преку нашиот министер за внатрешни работи, Наке Чулев, премиерот Оливер Спасовски не ни дозволи да биде истата ставена на дневен ред на Влада за да биде разгледана и да се отвори дискусија по истата. Повикувам на трензвеност и да се прифати оваа мерка која сама по себе нема да биде доволна, но во значителна мерка ќе помогне, рече Мицкоски.

На прашање што мисли за уредбата на Владата за исплата на пари за СЈО во време на вонредна состојба и задолжувања во странство за пополнување на буџетските дупки, тој рече оти претставува злоупотреба на чувства на луѓето и она со кое што денеска се соочуваат македонските граѓани.

-Кога ја добив таа информација и кога ја прочитав уредбата со сила на закон која што се однесува на згрижување и финансиски надомест на сите оние слуги во обвинителството и судството на СДСМ кои што добија приоритет пред да речеме оние кои што се во првите борбени редови против пандемијата лекарите, медицинскиот персонал како човек навистина се згрозив за тоа како се злоупотребува оваа моќ која што е акумилирана во власта т.е во неколкумина, неколку формални и еден неформален кој што седи и кој што диригира што треба да има приоритет, а што не треба да има приоритет, рече Мицкоски.

Прашан за коментар во однос на обвинувањата од власта за ширење лажни вести за донацијата од Словенија, Мицкоски рече дека вчерашниот атак на Заев, Шекеринска и Спасовски бил вчудоневидувачки.

-Голем број медиуми, мнозинството медиуми провладини најдоа за сходно да лиферуваат лажна вест и да го негираат тоа што кажав и што го направив, а тоа беше телефонскиот разговор кој го имав со премиерот на братска Словенија, Јанша, претседател на нашата сестринска партија и замолив за помош. Таа помош дојде за неколку денови. Но, еве да заборавиме, не го направил тоа Христијан и не е важно кој го направил, важно е дали таа помош стигнала таму каде е потребна. Еве нека биде тоа Заев го направил, Шекеринска, Димитров, Спасовски, не е важен Христијан. Нека ги земат тие политичките ловорики, но дајте да спасиме што повеќе луѓе и да си ја оправиме економијата, тоа е за мене важно, додаде Мицкоски.

 

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ