Мицкоски повика на предвремени избори: Народот да каже каква Македонија сака

Распуштање на парламентот и предвремени парламентарни избори бара ВМРО-ДПМНЕ.

30-тина минути откако беа изгласани уставните амандмани лидерот на партијата од пред партиското седиште повика заедно со претседателските да се одржат и вонредни парламентарни избори. Ова е еден од заклучоците на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ кој заседаваше во текот на денот додека во Собранието се чекаше исходот од гласањето за уставните измени.

„И на овие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе победи и така волјата на мнозинството на граѓани ќе биде испочитувано! Народот, вие давате и земате власт. Затоа избори, избори се потребни на кои Заев ќе падне, а Македонија ќе победи. Избори на кои народот ќе има можност да каже каква Македонија сака. Северна Македонија на Заев, во црнила, понижена и засрамена, или Македонија на народот, горда, напредна, почитувана“.

Според ВМРО-ДПМНЕ промената на Уставот е направена на противуставен, насилен и криминален начин, по пат на притисоци, закани, уцени и пазарења. Мицкоски денешниот ден го нарече црн петок, а гласањето за уставните измени чин на предавство.

„Со ваквата одлука се суспендира волјата на граѓаните, и самиот начин и постапките до кои се дојде до сето ова преставуваат чин на предавство.Трето, со договорот од Преспа се нанесува огромна штета и неправда врз самата македонска држава, македонските граѓани, врз минатите, сегашната и врз идните генерации. ВМРО-ДПМНЕ ќе стори во иднина се што е во негова моќ оваа неправда да биде исправена“.

Кои ќе бидат следните чекори на партијата ако владејачкото мнозинство не го прифати предлогот за предвремени избори претседатлеот на партијата не откри. Запрашан дали размислуваат да го бојкотираат Собранието, Мицкоски кажа дека сите опции се отворени.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ