Министерството за економија знае за злоупотребата на „црвената нафта“

Министерот за економија, Крешник Бектеши, вели дека знае дека има злоупотреби со т.н. црвена нафта.

  • Екстра лесното гориво е забрането во Северна Македонија, и може да се користи само во домаќинствата, но јавна тајна е дека тоа се злоупотребува, вели Бектеши во вечерашното гостување во Топ Тема. Но, тие како институција постапуваат за да ги дознаат бројките, а проблемот ќе биде решен наскоро откако ќе биде ставена во функција мобилната лабораторија преку која ќе се контролира за да се види каде тоа се користи, вели Бектеши.

Според досегашните бројки, кои ги има министерството, во 2018-та година 40 илјади тони екстра лесно гориво се искористени во државава.

Бектеши најави дека за кусо време ќе биде објавен оглас за јавно приватно партнерство за изградба на гасификациска дистрибуциска мрежа во градовите каде поминуваат краците.

-Проектите за гасификација моментално се реализираат согласно предвидената динамика, има реализација над 70 посто и во кракот од Скопје до Тетово и при крај е со кракот до Битола, до  Неготино е завршено. Моментално како Министерство и како Влада, работиме да ги споиме регионите, а за кратко време ќе објавиме и јавен оглас каде што сите заинтересирани страни преку јавно-приватно партнерство ќе може да аплицираат и да почнат да ја градат дистрибутивната мрежа низ градовите каде што поминуваат, рече Бектеши.

Тој верува дека примарната инфраструктура ќе биде потполно во сопственост на државата, а оти за дистрибутивните мрежи повторно ќе се прашаат и општините, иако како што вели, на претходните писма добиле одговор само од неколку општини.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ