Министерот Асаф Адеми учествуваше на светската конференција за туризам и култура

Mинистерот за култура Асаф Адеми денеска имаше официјално обраќање во рамките на Третата светска конференција за туризам и култура „За доброто на сите“,  која се одржува од 3 до 5 декември во Истанбул, Турција, во организација на Владата и на Министерството за култура и туризам на Република Турција, Светската туристичка организација (UNWTO) и УНЕСКО.

Во своето обраќање пред присутните високи претставници на повеќе земји во светот, министерот Адеми се осврна на повеќе аспекти во насока на зацврстување на соработката меѓу чинителите во туризмот и во културата. Тој потенцираше дека оваа конференција е убава можност да ги споделиме нашите искуства и сознанија од сферата на културата и нејзината поврзаност со туризмот како фактори што влијаат врз целокупниот општествен развој.

„Сакам во оваа пригода да истакнам дека Република Македонија е мултикултурна и мултиетничка држава со  импресивно културно наследство, недвижни добра од профана и сакрална архитектура, археолошки локалитети и споменични целини од различни временски епохи. Овие знаменитости се основен атрибут за развој на културниот туризам и токму затоа континуирано настојуваме тие да бидат презентирани, во најразлични форми, на светските саеми и берзи на туризмот“, нагласи министерот за култура. Тој информираше дека во изминатите години беа поддржани повеќе изложби на непроценливото културно богатство на релевантни локации во големите културни метрополи, кои силно влијаеја на интересот за нашата држава и на зголемувањето на бројот на туристите.

Министерот ги спомна и заложбите за промоција на Република Македонија во меѓународен контекст преку впишувањето на културни добра на Репрезентативната листа на светско нематеријално културно наследство на УНЕСКО.

Во текот на утрешниот ден, министерот за култура Адеми ќе оствари и билатерална средба со министерот за култура и туризам на Република Турција Мехмет Нури Ерсој, како и со колегите од земјите учеснички на овој значаен собир.

 

 

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ