Милионски тендери на СОЗР пред конечна одлука

Агенцијата за обезбедување „Никоб“ била најповолен понудувач на милионскиот тендер на СОЗР за физичко обезбедување на повеќе од 30 државни објекти во наредните 3 години, стои на веб страната на јавни набавки. Од трите фирми кои се пријавиле, две биле одбиени и „Никоб“ останала единствен наддавач на електронската аукција. Која цена ја понудила, односно колку ја намалила проценетата вредност од  2,6 милиони евра, од СОЗР не откриваат. Директорот Пеце Мирчевски вели ова не е конечна одлука и дека чекаат да заврши рокот за жалби. Додека не склучат договор сумата не ја обелоденуваат.

Една од агенциите поднеле жалба на тендерската документација со образложение дека условите и критериумите се спротивни на Законот за јавни набавки, водат кон дискриминација и ограничување на конкуренцијата, односно дека се фаворизираат конкретни фирми.  Една од бројните забелешките е и дека СОЗР не смеела да постави како критериум фирмите да имаат минимален годишен приход кој двојно ја надминува вредноста на тендерот.

Сепак, аукцијата продолжила без да се стопира постапката и да се чека да одлучи Државната комисија за жалби по јавни набавки. Директорот Мирчевски тврди дека жалбата која се однесува конкретно на тендерската документаицја, законски не ги спречува да продолжат со постапката. Доколку биде прифатена жалбата, тогаш нема да се склучи договорот со најповолниот понудувач, вели Мирчевски.

Изминатата недела избрани се најповолни понудувачи на тендерите за хигиена и за тековно одржување на државни објекти за наредните 3 години. За хигиената е „Серта“ а за одржувањето „Бапал Благој“. Порценетата вредност на овој тендер беше вкупно 6,3 милиони евра. „Триста груп“ пак е најповолен понудувач за хортикултурно одржување, набавка проценета на 660 илајди евра. Но колку понудиле сите овие фирми од СОЗР не откриваат со образложение дека одлуката не е конечна а рокот за жалби истекува следната недела.

Сите овие тендери во вредност од 9,5 милиони евра претходно беа во рацете на „Секјуриком“. Поради овој тендер финансиска полиција води истрага за ексдиректорот на СОЗР Доневски и за автстрискиот газда на „Секјуриком“ кој од неодамна е недостапен. Не се појавил во суд на редовното пријавување.

Елена Ивановска Мукоска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ