Меркел: Името Северна Македонија е јасно

Договорот за името создава јасност и дозволува северна Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО, порача вечерва германската канцеларка Ангела Меркел од заедничката прес-конференција со грчкиот премиер Алексис Ципрас во Атина.

„Му благодарам на Алексис Ципрас кој работеше заедно со Заев за решение за името. Името Северна Македонија е јасно. Јасно е дека врските се воспоставени. Јас единствено можам да му честитам на грчкиот премиер бидејќи од решението нема да добијат само Грција и северна Македонија туку цела Европа“, изјави Ангела Меркел, канцелар на Германија.

Меркел ги отфрли како шпекулација информациите дека се тргува со поддршката на Грција за Договорот за името и со одобрувањето од страна на кредиторите на Грција за откажување на последната рунда на кратење на пензиите.

Ципрас пак рече дека договорот постигнат меѓу Грција и Македонија за името може да биде модел за решавање на другите проблеми во регионот. Тој прито рече дека Грција е столб на стабилноста во регионот и дека земјата од дел од проблемот во кризата сега е дел од решението.

„Ја подвлековме важноста на Договорот од Преспа за регионот и за Европа, кој е чекор напред и мислам дека е модел за договор и демонстрира дека взаемно прифатливо решение – без наметнување на едната страна врз другата – е изводливо“, рече Алексис Ципрас, премиер на Грција.

Меркел на стартот од средбата со Ципрас и се заблагодарам на Грција за се што постигнала и покрај потешкотиите, но и севкупната улогата која ја има на Балканот во време кога е важно да се испитаат регионалните прашања.

Посетата на Меркел на Грција доаѓа во период кога таму се кршат копјата околу Договорот од Преспа и се бројат часови до одлучувачката утрешна средба на владините коалициски партнери Ципрас и Панос Каменос по која ќе се знае дали Независни Грци ќе останат во владата или не. Претходно Дора Бакојани, поранешна шефица на грчката дипломатија и истакнат член на опозициската Нова демократија, изјави дека Ципрас веќе има обезбедено 151 глас за Договорот за името и оти Каменос е очаен.

Ципрас синоќа во интервју изјави дека доколку Договорот биде усвоен во Македонија до крајот на неделава, очекува Грција за тоа да биде известена најдоцна до крајот на идната недела, по што Договорот веднаш би се нашол пред грчкиот парламент.

Тамара Грнчаровска

 

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ