„Медена земја“ во конкуренција за најдобар светски документарец за „Санденс“

Документарниот филм „Медена земја“ во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска ја раскажува приказната за Атиџе, последната жена која одгледува диви пчели во Европа и живее со својата мајка во централна Македонија. Самиот принцип на одгледување на пчелите на Атиџе, која половина мед зема за себе, а половина им го остава на пчелите, ја разоткрива клучната порака дека човек треба да ја користи природата во разумни граници и да живее во склад со неа.

  • На тој начин таа не само што им обезбедува егистенција на тие од кои го зима својот ресурс, односно на пчелите туку си осигурува и сигурен извор на храна тогаш кога тоа ќе биде најпотребно, вели Љубо Стефанов, режисер.
  • Главниот заплет е кога фамилија на номади пчелари ќе се досели на таа територија и тука ќе се случи борба за мед бидејќи нема мед. Нема доволен простор на таа териториоја за две групи на пчели, изјави режсерката Тамара Котевска.

Филмот „Медена земја“ е селектиран во конкуренција за најдобар светски документарец на престижниот филмски фестивал “Санденс“.

  • Ова е прв пат да имаме долгометражен филм на официјална конкуренција меѓу 12 филма од цел свет. И тоа е сериозно достигнување воопшто, за македонската кинематографија и за нас како автори, вели продуцентот Атанас Георгиев.
  • Овој филм е доказ дека добро одбраната тема, филмско прецизно и визулено впечатливо, напишана и раскажана приказна со извонредно чувство  од визуелен и снимателски аспект  е предуслов  филмот да биде препознаен и  да го привлече вниманието, изјави директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија.

Сниматели на филмот се Фејми Даут и Самир Љума. Музиката е на групата „Фолтин“.  Документарецот „Медена земја“ кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“ е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) , координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија. Премиерата на филмот во Скопје ќе се одржи во март годинава.

 

Нина Стефанова

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ