Мали шансите Меј да го протурка договорот во Парламентот

Како што се развива дебата во британскиот парламент за предлог договорот за напуштање на унијата, договорен меѓу владата во Лондон и Брисел, така шансите тој да биде одобрен од пратениците стануваат се помали. Според британските обложувалници коефициентот за одобрување е во слободен пад и за сега шансата договорот да помине во парламентот е само 18 проценти.

Доста загрижувачки е тоа што ако не помине од првиот пат, мислиме дека нема воопшто да помине, дури и подоцна во март. Шансата целосно да пропадне е 67 % во моментов. Така да работите не изгледаат добро за Тереза Меј, вели одговорниот за односи со јавност на Вилијам Хил, Руперт Адамс.

По објавувањето на правните мислења за Брегзит се појавија барања за одложување на напуштањето па дури и негово целосно откажување. Но Меј не попушта.

Нема да го отповикаме Членот 50, Британците гласаа да ја напуштиме ЕУ и ќе ја напуштиме, категорична е Меј.

Дебатата продолжува денеска со економските аспекти на напуштањето. Владата инсистира дека со договорот се обезбедува специјален партнерски однос со унијата, но лабуристите тврдат дека тој ќе предизвика поголема штета отколку добивка. Ирската унионистичка партија, која во моментов ја одржува владата на Меј, и дел од конзервативците притискаат гласањето да се одржи следниот вторник. Но унионистите повеќе пати потврдија дека дури и да не помине договорот, тие ќе продолжат со подршката за Меј.

Игор Трајков

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ