„Македонски Пошти“ предизборно вработува 280 поштари

107 лица во Скопје, 21 во Кочани, 20 во Битола, по 17 во Гостивар и Струмица. Вкупно 280 лица преку оглас објавен денеска, на само два дена пред распишување на изборите бара Македонски пошти за да ги ангажира како поштари. Антикорупционерите со остри реакции – велат ова е директно влијание врз гласачите. Затоа апелирале ваквите огласи воопшто да ги нема во предизборниот период.

  • Повторно нели ги става луѓето кои што ќе се јават на тој конкурс во една зависна ситуација, да фаќаат страна, односно да се влијае на нив како гласачи за кого ќе гласаат односно кој ќе им ветува дека ќе бидат вработени. Од тие причини ние апелиравме дека суптилно нели се влијае на граѓаните и на гласачкото тело со објавување вакви конкурси. Апелиравме да ги нема во предизборниот период. И во толку масовен број зошто тоа е директно влијание. Они секако ќе го стават во мирување. Тоа нема да заврши за време на изборите. Меѓутоа начинот на кој што го прават тоа навистина е влијание врз гласачите,вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
  • Два дена пред распишување на избори, навистина оглас за 280 луѓе, очигледно дека има сосема друга интенција објавувањето, смета Владимир Георгиев.

Од компанијата пак огласот го правдаат со тоа што постојано имале одлив на поштари по разни основи.

„Овој број на пошторазнесувачи во изминатиот период беше ангажиран со договор за услуга – договорен пошторазнесувач и не беше опфатен со последниот конкурс кога беа примени 80 шалтерски работници. Неопходноста од прием на пошторазнесувачи е со цел, да се обезбеди давањето на универзалната поштенска услуга на целата територија на државата со утврден квалитет и пристапни цени за корисниците.“- одговорија од „Македонски пошти“.

Оглас за 80 вработувања, Пошти имаше и во октомври лани. Најновиот пак за 280 лица, трае три дена, а кандидатите треба да имаат средно образование и може да се и без искуство. Додека пак рокот за избор, зависи од бројот на пријавени кандидати,но до максимум 120 денови. За предизборните огласи пак во повеќе државни институции покрај антикорупциска реагираше и опозицијата – обвинува за класичен поткуп на гласачкото тело.

Александра Филиповска

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ