Македонска Каменица единствена во источна Македонија без корона вирус

Раздвижено е по улиците и парковите, но сите се со маски и се држи дистанца, ова е сликата од рударскиот град Македонска Каменица, кој е единствениот на мапата на истокот, каде што нема заразени со коронавирус.

Оваа мала општина изминатите месеци успешно се справува со пандемијата, а населението вели дека стравот и мерките кои се преземаат е причината за успешното справување со пандемијата.

Единствената жена градоначалник во Брегалничкиот регион, која е и здравствен работник имала визија па во буџетот предвидела и ставка за справување со здравствена криза,  овие пари се искористени токму за набавка на заштитна опрема, кои ги шиеле локалните конфекции, а секојдневно се врши дезинфекција на улиците, парковите и детските игралишта.

Македонска Каменица засега пркоси на коронавирусот, но со отварањето на границите на 15 јуни се очекува да пристигнат и печалбарите. Оваа рударско градче има над 1.300 иселеници пред се  во Италија и Словенија, кои во летните месеци ја раздвижуваат локалната економија, но локалната власт не ги плаши нивното враќање во родниот крај.

На истокот Македонска Каменица и Карбинци се општините, кои немаат пријавено случај на заразен од коронавирус.

Во овој регион се евидентирани 79  случаи, најголемиот дел веќе се излекувани, а  тројца ја изгубија битката со корона вирусот.

Викторија Јованова

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ