Македонија загуби и од Данска, ќе го освои 11. место на ЕП

Македонија го загуби третиот меч во Главната фаза и ќе заврши на 11. место на финалното рангирање на Европското ракометно првенство што се одржува во Хрватска. Во Вараждин беше совладана од Данска со 31:20 во третото коло од Групата 2.

Без повредениот Кире Лазаров кого селекторот Раул Гонзлаес го замени со Гоце Ојлески, нашиот национален тим имаше сили само за едно полувреме кое заврши без предност 12:12. Во вториот дел Данска ја оправда улогата фаворит и со 11 голови разлика во своја корист го завери полуфиналето со трет триумф од исто толку натпревари за прво место во Групата 2.

Филип Кузмановски со шест голови беше најрасположен во македонската репрезентација. Него го пратеа Дејан Манасков и Стојанче Стоилов, двајцата со по четири. Голманот Никола Митревски забележа 10 одбрани. Михаел Дамгард Нилсен со 11 голови беше најефиксаен во двата табора и беше прогласен за играч на натпреварот.

Финалниот редослед на крајот од континенталниот собир се одредува според пласманот во групата од Главната фаза, како што стои во регулативите на ЕХФ. Македонија го освои шестото место во Групата 2 а со оглед дека има подобро бодовно салдо од шестопласираната Србија во Групата 1 на крајот од шампионатот ќе биде рангирана на 11. позиција на ЕП. Иако Белорусија има помалку бодови од Македонија ќе го освои 10. место, бидејќи заврши на петата позиција во Групата 1.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ