Македонија се уште без зелено светло за отворање на преговорите со ЕУ

Со разочарување дека не е постигната согласност околу отворањето за преговори за Македонија и Албанија, но и со надеж дека европските лидери ќе донесат позитивна одлука за ова, заврши министерскиот совет во Луксембург. По цел ден дискусии и обиди на финското претседателство да се даде некаков позитивен сигнал за земјите од Западен Балкан, прашањето дали ќе има почеток на преговорите со Македонија и Албанија, или барем со една од земјите, ќе го решаваат шефовите на држави и влади, на самитот во четврток и петок во Брисел.

Мнозинството земји-членки, односно 25 го поддржуваат проширувањето.

Но ниту финското претседателство ниту комесарот за проширување во заминување Јоханес Хан не сакаат да кажат кои се другите две земји, ако се знае дека Франција е најголем противник на проширувањето.

Хан лично им се извини на граѓаните во Македонија и Албанија што денеска не се најде решение и рече дека жали за ова. 

Сепак, не сака да прогнозира дали се можни политички кризи ако европските лидери не одобрат датум за преговори.

За сега нема сигнали дека има промена на ставот на францускиот претседател Емануел Макрон кој инсистира прво да се промени методологијата на преговори, а потоа Унијата да се проширува со нови членки.

Од неговата одлука ќе зависи дали Македонија ќе добие датум за почеток на преговори на самитот во Брисел.

Од Луксембург , за Телма, Марија Дивитарова.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ