Македонија го враќа стариот правилник за увоз на српско брашно

Македонија попушти за српското брашно, на сила ќе се врати стариот правилник за контролните маркички, но тоа ќе биде привремено решение и допрва ќе се прецизира од кога ќе почне да се применува. Стариот правилник важеше се до февруари оваа година, а потоа нашата страна воведе измени, кои наидоа на остра реакција од Србија и најава за воведување на контрамерки. Ова денеска во Белград го договориле српскиот вицепремиер и министер за трговија, Расим Љајиќ и неговиот македонски колега, вицепремиерот Кочо Анѓушев, од чии кабинет соопштија дека на средбата било  усогласено решение за поединечните  отворени прашања во трговската размена меѓу двете земји.

„Во исто време од македонска страна е договорено како привремено решение да се работи на враќање на стариот правилник за контролните маркици за брашно, кој важеше до 7 февруари оваа година. Но, во тој случај,  при увозот на брашно треба да се овозможат услови за непречен инспекциски увид на увозното брашно од страна на инспекторите на македонската Агенција за храна и ветеринарство на граничниот премин, со што ќе се контролира дали маркиците се соодветно залепени на брашното и дали брашното има соодветна деклариција“, се вели во соопштението од Кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Ова практично би значело дека контролните маркички за сите количини на брашно што во земјава се увезуваат од северниот сосед, повторно ќе се лепат во Србија, како што беше одредено со стариот правилник. Македонија во февруари годинава воведе измени на правилникот, со кои се предвиде маркичките да се издаваат дури откако за брашното ќе се добијат резултатите од лабараториските анализи од Агенцијата за храна и ветеринарство, со цел, како што објаснија од Министерството за земјоделство, да се гарантира дека брашното е безбедно за употреба за македонските потрошувачи. Потоа нашата страна се согласи маркичките за пакувања од еден, два и пет килограми да се лепат во Србија, а на оние од 25 и 50 килограми, да се издаваат во земјава, а при посетата на Љајиќ на нашиот министер за земјоделство Љупчо Николовски, двајцата министри си подадоа рака дека недоразбирањата се надминати, но проблемот мора да се решава системски.

Наши извори додаваат дека стариот правилник ќе се врати како привремено решение, но српската страна мора да гарантира дека во секој нивни камион во кој ќе се увезува брашно, наш инспектор од АХВ ќе може буквално во секое време да влезе и да ги направи потребните контроли.

На денешната средба межу Анѓушев и Љајиќ во Белград ветувања дала и српската Влада.

„Српските гранични служби се обврзуваат да ги отстранат бариерите во трговијата на ориз, сувомеснати млечни производи од Македонија во Србија, што беше и главното барање на македонските компании кои извезуваат во Србија“, се вели во соопштението.

Вицепремиерите се договориле Владите да направат напори до 30 јуни да бидат потпишани и ратификувани Меморандум за соработка во областа на безбедност на храна и ветеринарнство и Меморандум за фитосанитарна соработка, со кои меѓусебно ќе бидат признаени сертификатите на двете земји. Така практично би престанала потребата за двојно земање примероци и анализа на прехранбените производи, што во голема мера ќе ги намали дополнителните и непотребните трошоци со кои се соочуваат стопанствениците од двете земји. Дотогаш двете влади да ги превземат сите мерки за олеснување на трговијата и отстранување на вонцаринските бариери  во трговијата на двете земји, се вели во соопштението.

Од Србија во Македонија годишно се извезува околу 40.000 до 50.000 тони брашно.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ