Македонија под закана од свинска чума, може ли да се спречи вирусот

Алармот е вклучен, земјава е под сериозна закана од свинската чума. Кај нас уште ја нема, но чука на портите, соседна Бугарија ги брои уништените свињи и економски штети. Надлежните денеска на итен состанок, превентивни мерки, велат, се преземаат, но мора да се засилат за да се спречи вирусот, а ако веќе дојде, да зафати што помалку фарми.

„Не би можел да шпекулирам, постојат реални шанси за појава на оваа болест, прашање е на време, бидејќи како што знаеме, се пренесува и преку предмети, преку храна од животинско потекло, а и преку дивите свињи, кои се сериозен извор на инфекција“, вели Томислав Николовски, претседател на Ветеринарна комора.

На фармерите ќе им се делат прирачници и постери за побрзо да ја препознаваат болеста, симптомите се температура, повраќање и црвени дамки. Од нив се бара на фармите да воведат биосигурносни мерки за заштита, а на првиот сомнителен сигнал да ги повикаат матичните ветеринари. И тие мора да бидат будни, да ги посетат сите фарми и да им укажат на опасноста. АХВ, пак, ќе врши надзор и врз сточните пазари, се забранува движење на животните без здрватсвен сертификат. И на граничните премини зајакнати контроли, туристите во својот личен багаж не смеат да носат производи од животинско потекло. На готовс и Факултетот за ветерина, тврдат дека имаат капацитет и кадар, екипа од триесетина стручњаци, за веднаш да ја откријат болеста, потребни се од неколку часа до еден ден. Ги преземаат сите протоколи и мерки, ако треба, ќе бидат викани и во викенди и на празници.

„Имаме обучен персонал, квалитетни лаборатории, најнова современа опрема за дијагностика, работиме строго со акредитирани методи. Примероците стигнуваат перманентно, досега не е докажан ни еден позитивен случај. Имавме кадар на обука и во Германија, нашиот микробиолог беше таму“, вели Лазо Пендовски, декан на факултетот за ветеринарна медицина.

Ги преземаме сите можни мерки, исто како во целиот свет, но не можеме да ги спречиме дивите свињи да се движат, вели директорот на АХВ, Атанасов. План ако болеста се појави веќе има, но тогаш спасот е само во убивање на свињите, бидејќи нема вакцина ниту терапија. Штетите можат да бидат големи – не кријат надлежните.

„Ако ние имаме фонд од 160 д 200 илјади свињи, и ако една свиња вреди 160 илјади денари, ќе добиеме проценка, но не значи дека сите свињи ќе бидат заболени и ќе бидат уништени, си има точни прописи, круг од 3 километри, се уништуваат свињите. Но на фармите каде ја нема болеста и со добро мерки, не би ги уништиле“, вели Зоран Атансов, директор на Агенција за храна и ветеринарство.

Во Бугарија преработувачите предвидуваат дека чумата ќе го поскапи свинското за 50 отсто до крајот на годинав, кај нас од Земјоделство велат дека не очекуваат пораст на цената. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ