Македонија на иста маса со лидерите на членките на НАТО

Делегацијата на Северна Македонија на Самитот на НАТО во Лондон ќе седне на иста маса со лидерите на земјите-членки на Алијансата. Владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев ќе учествува денеска и утре на лондонскиот Самит, на кој се одбележува 70-годишнината од постоењето на Алијансата.

Во состав на владината делегација се вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Централно место во програмата е Состанокот на Северноатлантскиот совет (NAC) на шефовите на држави и/или на влади утре, на вториот ден од Самитот, на кој ќе учествува и премиерот Заев, со што Северна Македонија ќе биде претставена на највисоко ниво во работата на телата на Алијансата.

По состанокот на Северноатлатскиот совет предвидена е прес-конференција на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Заев денеска, на првиот ден од Самитот ќе учествува и на панелот „Разговори – Одбрана и превенција за новата ера“, во рамките на конференцијата „НАТО се ангажира: Иновирање на Алијансата“ (“NATO Engages: Innovating the Alliance”). Покрај премиерот Заев на панелот говорник е и претседателот на Полска, Анджеј Дуда.

Заев и членовите на делегацијата на Владата на Северна Македонија за време на дводневниот самит на НАТО во Лондон ќе остварат и повеќе билатерални средби.

Претседателот на Владата е поканет и на прием кај Кралицата Елизабета во Бакингемската Палата, што се приредува за сите делегации, во чест на состанокот на лидери на НАТО, како и на вечера за шефовите на држави и/или влади што ја приредува премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.

Скорешното полноправно членство во НАТО е реализација на стратешката цел, зацртана со консензус во 1993 година и овозможува идеални услови за зајакнат и забрзан економски развој.

Земјата ја дели само една ратификација од полноправното членство, за десет месеци Протоколот за пристапување на нашата држава во НАТО е ратификуван од 28 од вкупно 29 членки. Во завршната декларација од Самитот предвидено е во посебен параграф да биде забележано дека земјата е добродојдена како 30 членка.

Ратификацијата на Протоколот останува да биде завршена уште во Шпанија, каде на почетокот на минатиот месец се одржаа избори, но таму треба да се формира новата Влада.

Откако Протоколот ќе го ратификуваат сите земји членки на Алијансата, останува документот со кој се официјализира нашето членство да биде ратификуван и во Собранието на Република Северна Македонија, но неизвесно е дали тоа ќе се случи пред или по изборите, кои според договореното треба да се одржат на 12 април.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ