М-НАВ се заканува со тужби по објавувањето на новата „бомба„ за Рашковски

М-НАВ се закани со тужби и барање на надомест на штета, ако им биде причинета по синоќешното објавување на втората, таканаречена бомба, со генералниот секретар на владата, Драги  Рашковски. Велат дека јавноста е доведена во заблуда околу случајот со тендерот за набавка на авио-навигациска опрема.

  • Аудои снимката е продолжение на разговорот на Рашковски со сега веќе разрешениот технички директор на М-НАВ, Климент Чапуњовски и директорот и претседател на управниот одбор на компанијата, Николче Тасески, за спорниот тендер. На неа се слуша како директорите му укажуваат на Рашковски дека не може да се прави записник за состанокот со компанијата „Леонардо“, затоа што тоа е против правилата на Европската Банка за Обнова и развој – која го финансира проектот. Појаснуваат дека не смеат да стават во записникот дека разговараат со компанијата пред да се прати писмо со кое се потврдува дека токму тие го добиле тендерот. На тоа тој негодува и им наложува да го направат записникот, соопштуваат М-НАВ.

Рашковски денеска не сакаше јавно да ја коментира новата „бомба„. Во телефонски разговор кусо рече дека е крајно време да се престане со ова и дека се` што треба, ќе покаже истрагата, а крајниот збор ќе го има судството. Премиерот, пак, рече дека првин треба да ја чуе новата снимка, па потоа ќе се изјасни.

Од ВМРО ДПМНЕ, побараа  од него да го разреши Рашковски, а од обвинителството – да го приведат.

За случајот се заинтересира и Антикорупциската комисија. Од владата и  М-НАВ бараат информации и документи за тендерот за набавка на авио-навигациска опрема, како и за улогата на генералниот секретар Драги Рашковски во процесот. Ќе се преслушуваат аудио снимките и ќе се испитува улогата на разрешениот директор Чепуњоски во целиот случај. Ќе се бара и одговор, зошто со години не е реализиран тендерот кој е завршен со избор на италијанската Леонардо уште во 2016-та година, во време на претходната влада.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ