Лозарите ќе ги добијат парите до крајот на март, државата потоа ќе наплати од винариите

До крајот на март се очекува лозарите на кои неколку винарии им должат пари за периодот од август 2014 до ноември 2016, да го добијат обесштетувањето од државата. Средствата од околу 1,5 милиони евра се веќе вградени во Програмата за финансиска поддршка за оваа година, а ќе се исплаќаат преку Платежната агенција. Министерот Николовски вели дека исплатата ќе зависи од тоа колку време ќе му биде потребно на Државниот земјоделски инспекторат за обработка на податоците, што веројатно ќе трае околу 15 дена. Така, вели, ќе ја исправиме неправдата која им е нанесена на овие околу две илјади граѓани, за тие да се кренат на нозе и да можат да ги подиогнат лозовите насади.

Државниот земјоделски инспекторат од утре ќе направи јасен пресек колку должници има, колкава тогаш била цената на грозјето, и без камата, бидејќи по закон не смее да се исплати камата, вели Љупчо Николовски, министер за земјоделство.

За парите што ќе им ги исплати на лозарите, Платежната агенција ќе бара и очекува да добие средства со ребалансот на буџетот кога тој ќе се донесе. Државата, пак, планира да си ги наплати парите од винариите должници во следните три години, така што како нив ќе им стигнуваат средства, сметките ќе им се блокираат и парите преку Управата за јавни приходи ќе одат во државниот буџет. За ова вчера имало забелешки од Министерството за финансии, кои потоа се усогласиле, и ќе бидат изработени соодветни решенија.

За да не може во иднина винариите повторно да трупаат долгови кон лозарите, се размислува за измени на Законот за вино, за инструменти кои државата треба да ги воведе по прнципот на меница, со цел винариите да имаат обезбедено средства за лозарите.

Владата годинава за субвенции на земјоделците вкупно планира да исплати вкупно 99,8 милиони евра, што е помалку за околу 10 милиони евра од лани исплатените средства. Министерот вели дека ова се должи на фактот што дел од поддршката за земјоделството ќе се реализира и преку програмата за рурален развој, а дел преку ИПАРД средствата за кои има голем интерес, но вкупните пари ќе бидат повеќе од претходно. Платежната агенција ќе биде концентрирана само на субвенциите, каде има нов начин на олеснети контроли и веќе не се дозволува застој, туку земјоделците навреме ги добиваат парите.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ