Лордан Зафрановиќ: Демократизацијата на Балканот не го даде потребното

Демократизацијата на државите од Балканот не создаде почит кон различното мислење, вели во интервју за Телма, големиот  хрватски режисер Лордан Зафрановиќ. Во 1991 година тој беше прогонет од родната земја поради филмот „Тестамент“, кој зборува за усташките злодела во Втората светска војна, во кои се препозна власта на Туѓман. Зафрановиќ, кој денес живее во Чешка и има 100 проекти зад себе, славата ја стекна со филмот „Окупација во 26 слики“ од 1978 година, кој освои Златна Арена во Пула, а беше номиниран и за Златна Палма во Кан. Во интервјуто Зафрановиќ зборува за своите нови проекти, но и за политичкиот и културолошки контекст што го живеат државите од поранешна Југославија.

СТ: Еве ќе започнеме со една Ваша изјава дека сите тие Ваши славни и наградувани филмови од 70-тите и 80-тите години, сте ги снимале заради стравот дека злосторствата од Втората светска војна ќе ни се повторат. За жал, се повторија и се случуваат и денес. Па, како би го опишале актуелниот културолошки и политички контекст?

ЛЗ: Тоа зло кое се формира по пат на некои идеологии, главно преовладува. И необично е и чудно е дека по него одат одредени слоеви луѓе, и тоа масовно.  Така што тоа е нешто всадено во нас, кои се занимаваме со филм. Анализирајќи го тоа зло би можело на некоја помлада генерација да и се каже, да не се врзува со одредени идеологии и да оди по некој свој творечки пат, во некоја иднина која е подобра од тоа што беше оваа.

СТ: Поради филмот „ Тестамент“ 1991 година моравте да ја напуштите Хрватска заради тоа што не му се допаѓавте на Туџман. Па, какво е чувството за еден граѓанин на една земја, кој и во минатото, а и денес не е прифатен. На Вас фактички, и денес не Ви дозволуваат да снимате во Хрватска.

ЛЗ: Едноставно таа, т.н. демократизација која се создаде после големата војна на Балканот и тие трагедии, не го произведоа тоа што му требаше на хуманото општество. А, тоа е да имаме различни мислења, без разлика дали припаѓаме на друга религија, на друг идеолошки предзнак и т.н. Мислам дека нема шанси да се зборува денес критички па дури ни за НДХ. Тие декларативно и уставно се поврзани со АВНОХ кој ги имаше уредено меѓунационалните односи во Хрватска. Денес, едноставно толку многу е побудалено, па овде – онде се пробиваат светла кои се ветувачки, кои би можеле сепак да се претворат во можно толерантно општество.

СТ: Се најавуваат два Ваши филмски проекти. „Децата на Козара“ кој ќе го работите за РТС и „ Карузо“, за кој преговаравте со Жерар Депардие, за да ја игра главната улога. Па, до каде се подготовките за овие два Ваши филмски проекти.

ЛЗ: Па, „Карузо “ го подготвуваме веќе неколку години во Чешка зашто не добив никаква сатисфакција во Хрватска, заради состојбите за кои зборував пред малку. И сега тоа е на пат да се договори со Депардие, тој да го игра Карузо. За среќа тој е и пејач. Го пееше Годунов со босански оркестар, така што е спремен и има пријателка од Чешка која сето тоа заедно му го преведе. Тој прифати, па сега ќе видиме. А, што се однесува до „ Децата на Козара“, темата е многу актуелна. Ми се чинеше дека во ова време на бегалци и на трагедии на деца кои ја преплавија цела Европа и не само Европа, ми се чинеше дека „ Децата на Козара“ би можел да има одек низ цел свет.

Сотир Трајков

 

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ