Лиле Стефанова издржа пет часа распит како сведок, Јанева уште не е на агендата

Утрово успеа да им избега на новинарите, но по 5 часа се појави од зградата на обвинителство за организиран криминал и корупција каде сведочеше за случајот во кој осомничени се Боки 13 и Милески-Кичеец, а се спомнува и името на Катица Јанева. Лиле Стефанова, кратко и без дополнителни одговори рече дека не може да дава дополнителни податоци од истрагата, и јавноста доволно знае по нејзиното соопштение од минатиот петок.

„Свесна сум свесна за интересот на јавноста за истрагата за „Рекет“ и за сите допирни точки со истрагата за „Империја“ каде јас сум предметен јавен обвинител, а сведок од истрагата „Рекет“ е првооомничен во истаргата Империја“. Се што можев да споделам со јавноста јас го споделив во даденото соопштение  во петокот. Денеска дојдов овде во својство на сведок. Околу пет часа давав исказ како сведок и се што ми е познато за овој случај го изнесов пред надлежниот јавен обвинител. Имајќи го предвид мојот статус на сведок и тајноста на истрагата не можам да кажам нешто друго од она што веќе го имам споделено“, изјави Стефанова на излегување од Обвинителството.

Никој од обвинителството не прецизира за што толку долго зборувала обвинителката која го водеше случајот Империја во кој осомничен е и сведокот за рекет Орце Камчев. Во петокот  Стефанова во свое лично соопштение на сајтот на СЈО потенцираше дека специјалната обвинителка Јанева на 16-ти април барала да се определи сума за спогодба со Орце Камчев и со други осомничени во Империја и Поштенска банка а да не се бараат затворски казни. Стефанова тврдеше дека таа и обвинителот Бурим Рустеми навеле кои се можните затворски казни за осомничените и направиле писмен извештај за спогодбата. Спогодбата никогаш не се склучила, а Камчев после тоа пријавува дека му се барани и рекетирани пари, по што Јовановски и Милески завршија во притвор. Спогодбата се спомнува и во разговорите меѓу Камчев и Бојан Јовановски кои беа објавени на италијански сајт заедно со видеото во кое се гледа милионот спакува во Луј витон. Од обвинителството за Телма потврдија дека се повикани уште сведоци за во четврток и во петок, сите се од СЈО, но меѓу нив не е Катица Јанева.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ