Лекар во МВР ќе ги „прегледува“ апликациите за пасош-досега стигнале над 100 барања

Над 100 граѓани преку подрачните управни одделенија досега поднеле барање за да им се издадат пасоши по избивањето на пасошката криза поради недостаток на обрасци. Сите тие барања сега се во рацете на комисијата на МВР која ќе одлучува.

Од друга страна пред скопското пасошко сликата е иста, има граѓани но не знаат како државата ќе им го овозможи нивното право.

Многумина дојдоа, но најголемиот дел од нив си заминаа со празни раце. Или откажуваа термини или се сликаа за преостанатите 3 400 пасоши или бараа формулари. Но токму тие беа нерасположени за разговор и критика, додека оние со завршена работа се надеваа.

-Бевме со сопругот и го откажавме терминот за апликација за утре, а јас со децата ќе дојдам ама подоцна, изјави една скопјанка.

-Дојдов да се информирам, ќе се пријавувам, ама немам детали, рече еден помлад жител на главниот град.

-Поднесов по итна постапка, се сликавме денеска, и треба до петок пасошите да бидат готови.

Министерот Чулев соопшти како ќе оди сега целата процедура, до стигање на новите пасоши на 24-ти март. Приоритет ќе имаат оние со медицински потреби, потоа оние кои како државни претстваници одат на натпревари или конгреси. А ќе одлучува нова комисија на МВР.

-Барав од владата решение, но немаше политичка волја, па затоа формиравме комисија во МВР. Во неа ќе има медицинско лице-доктор за да утврди колкава е медицинската итност на барањата. Ги известувам граѓаните кои се пријавиле веќе за пасош или имаат итна потреба тоа да го сторат во управните одделенија на полициските станици во нивниот град. Барањата ќе се разгледуваат наредниот ден, рече министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Чулев предлага владата преку апостилски печати или со друга одлука и известување до странските држави да се продолжи привремено, важењето на пасошите кои се истечени или бргу ќе им заврши рокот.

-На тој начин може многу бргу да се реши проблемот кој е на државно ниво, а ниту една политичка партија нема да има ништо против. Проблемот со пасошите е предизвикан од Оливер Спасовски, изјави Чулев.

Поранешниот министер, а сега премиер Оливер Спасовски му одговори неколкупати На Чулев дека сега е негов ресорот и треба да го реши проблемот, а истото го тврдат и СДСМ и дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска.

Чулев пак смета дека набавката е извршена предоцна, и за неа по пријава од МВР веќе е отворен и предмет во обвинителството. Одговорност не плати никој досега иако кризата ги погоди граѓаните и им го ограничи движењето.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ