Ладислав Цветковски: Должност на уметникот е да го каже ставот јавно

„Црнила“ во Мала Станица ! Не се работи за нова премиера на претставата на Коле Чашуле, туку за отворената истоимена изложба на графичкиот дизајнер Ладислав Цветковски. Низ 70-тина плакати , тој го коментира крајот на режимот на Груевски, но вели дека некои од содржините важат и за актуелната власт. Според Цветковски, должност на уметникот е да го каже својот став , јавно.

„Тој што нема што да понуди , ќе ве нахрани со национализам…“, „Во Скопје сите сме на тешки метали“, „Училиштето не е квиз“,.. се само дел од коментарите на стварноста, испишани  на 70-тината изложени плакати, чиј автор е професорот на ФЛУ и графички дизајнер, Ладислав Цветковски. Тие се дел од 177 творби, создадени меѓу 2015 и 2017 , како потреба не само да се бунтува против режимот на Груевски, туку како уметник и личност во зрели години, како што вели Цветковски, да го каже ставот во јавноста. А, повод, биле студентските протести во 2014.

– Беше акумулиран некаков гнев кај секој од нас , кој што размислуваше различно од другите. Кога ќе дојдете на возраст од 50 години, вие покрај тоа што имате право да се бунтувате и имате некаква должност да соопштите нешто на општеството или на пошироката публика, вели Ладислав Цветковски- автор на изложбата.

Реализирани како спој на топол колорит на црна основа, по примерот на барокните мајстори, со испишани афористични и комични нарации , плакатите на Цветковски потсетуваат на вредностите што се губат. А, поради цензурата од поранешната власт, тие осамнаа на социјалните мрежи, во обид да влијаат на свеста на граѓаните, објаснува авторот.

– Некако ни е удобно и не сакаме да направиме нешто поконкретно, да излеземе надвор на улица или било каде , на местото каде што работиме и да направиме нешто конкретно, нели? Да смениме нешто. Пораката е тоа, рече Цветковски.

Некои од тогашните „ Црнила“, важат и за актуелната власт, вели Цветковски.

– Ми годи бидејќи сум уметник , сум направил нешто што живее, нели. Ама некои работи и процеси сакам да престанат и да тргнеме во некој паметен, убав правец, каде што сите ќе бидеме посреќни. И секој што знае да работи , да си го добие своето место во општеството. Да не бидеме заборавени и да не бидеме прерипнувани од тие што одлучуваат, вели Ладислав Цветковски- автор на изложбата.

Ангажираното творештво на Ладислав Цветковски беше претставено во Словенија и во Јужна Кореја, а ќе патува и во Полска и Украина. За нашата јавност, постановката во Мала станица е достапна до 28 декември.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ