Кошаркарите загубија од Русија и покрај храбрата игра

Македонската кошаркарска репрезентација го доживеа и вториот пораз во квалификациите за Eвропското првенство во 2021 година, откако денеска загуби на гостувањето кај Русија со 77-67. За разлика од првиот натпревар на домашен паркет со Естонија, момците на селекторот Ацо Тодоров денеска се прикажаа во далеку подобро светло и покрај поразот.

Кошаркарите можеби загубија и по втор пат во овие квалификации, но денеска покажаа како требаше да играат во четвртокот против Естонија во Скопје. Со ваква игра како денеска против фаворитот, победата тогаш ќе беше неминовна.

Избраниците на селекторот Александар Тодоров одиграа одлично во првата четвртина во која имавме и два пати водство од шест разлика. Во вторите 10 минути, Русија го презема водството, но ние не бевме воопшто далеку. На паузата резултатот гласеше 38-36 за домашната репрезентација.

Во третиот период „Зборнајата“ го контролираше водството, а на стартот на последните 10 минути стигна и до највисоките +13. Не се откажавме и одговоривме со серија од 10-0. Уште еднаш имавме негатива од само три поени, но Русија го заврши натпреварот со серија од 7-0 за конечни 77-67.

Андреј Магдевски и Шејн Витингтон беа најефикасни со по 14 поени, додека двоцифрен ефект имаше и Војдан Стојановски со 10 поени. Ветеранот Виталиј Фридзон со 23 поен беше убедливо најдобар кај Русија.

Евроквалификациите продолжуваат во ноември оваа година, кога имаме две гостувања, прво кај Италија, а потоа и кај Естонија.

На вториот натпревар во нашата група Италија славеше на гости кај Естонија со 87-81.

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ