Коронавирусот од Италија се шири низ Европа

Неколку европски држави потврдија дека имаат регистрирани случаи на болни од коронавирусот,очигледно сите поврзани со епидемијата во Италија.

Австрија, Хрватска и Швајцарија соопштија дека имаат луѓе заразени со коронавирусот, откако се вратиле од Италија, како и северно-африканската држава, Алжир.

Прв позитивен тест за присуство на коронавирусот има и во Јужна Америка, бразилски државјанин, кој исто така се вратил од Италија.

Италија е најтешко погодената држава во Европа со коронавирусот, со повеќе од 300 случаи на луѓе инфицирани со коронавирусот и 11 смртни случаи.

Сепак, повеќе земји членки на ЕУ одлучија дека затворањето на границите би било непропорцијална мерка.

Министрите за здравство од Франција, Германија, Италија и Европската Комисија на вчерашниот состанок изразија посветеност на задржување на отворените граници и покрај информациите за нови случаи во повеќе европски држави и за 45% -но зголемување на бројот на луѓе заразени со коронавирусот во Италија.

“Вирусите не препознаваат административни граници, ниту граници меѓу провинциите, како и меѓу градовите и држави. Затоа е многу јасно дека мора да соработуваме и како што кажав претходно, ниту една земја не може тоа да го направи сама” – вели италијанскиот министер Роберто Сперанца.

Италија е една од трите глобални жаришта на епидемијата надвор од Кина.

Во Иран, според официјалните податоци, има помалку од 100 болни луѓе иако претпоставките се дека реалната бројка на инфицирани со коронавирусот е драстично поголема.

Меѓу нив е и иранскиот заменик министер за здравство , со што се продлабочуваат стравувањата дека вирусот веќе се проширил низ целата држава.

Јужна Кореја денеска пријави 115 нови случаи, со што вкупниот број на заразени се зголеми на над 1200. 11 луѓе починале во оваа држава, која е второто најголемо жариште по Кина.

Најголем дел од случаите во Јужна Кореја се поврзани со религиозна група во градот Даегу. Повеќе од 215 000 членови на оваа христијанска црква сега се тестираат од властите, заради можно присуство на вирусот.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ