Констатирани оставките на Груевски и Богоевски, им следува една година апанажа 

Човекот кој 14 години беше на највисоките државни функции, останува само со партиската, почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на Собранието денеска ја констатираше оставката  на пратеникот и поранешен премиер, Никола Груевски.

Груевски беше министер за трговија, за финансии,  премиер и пратеник. Оставката ја испрати по пошта од Унгарија, каде е во азил од ноември минатата година, кога избега веднаш по одредениот притвор.

На Фејсбук образложи дека не сака да ги става во непријатна ситуација пратениците од ВМРО ДПМНЕ, кои требаше да се изјаснат за одземање на неговиот мандат. Мнозинството денеска ги обвини ВМРО ДПМНЕ дека се` уште се во негова сенка.

На ова реагираше координаторот на опозициската партија, кој ги обвини СДСМ дека се обидуваат да ја дефокусираат јавноста од случајот на пратеникот Павле Богоевски, чија оставка исто така денеска беше констатирана.

Богоевски поднесе оставка поради објавената снимка со компромитирачки разговор по телефон.

Откако ја образложи пред пратениците, се сликаше со своите сега веќе поранешни колеги и даде изјава за јавност во која тврди дека нема увид во истрагата за неговиот случај.

Најави дека ќе му се врати на граѓанскиот активизам од каде и дојде во пратеничките клупи.

И Груевски и Богоевски, според законот за плата на пратениците, имаат право на апанажа, односно на плата во висина на досегашната од илјада евра, во рок од една година. Груевски засега нема поднесено барање, а Богоевски вели дека се` уште размислува дали да го направи тоа. Апанажата, сепак, треба да биде одобрена од собраниската комисија за Избори и именувања.

На местото на Груевски во Собранието треба да седне Ѓоко Камчев од листата на ВМРО ДПМНЕ во петтата изборна единица, а Богоевски ќе го замени Александар Филиповски од листата на СДСМ од првата изборна единица.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ