Комисии ќе вршат проценка на штетите од невремето во Преспа

Стручни комисии ќе вршат проценка на штетата направена од невремето што зафати дел од Преспа. Ова е одлучено на Советот на Општина Ресен на вонредна седница, што се одржа синоќа.

За помош за основните потреби на населението, како вода, средства за хигиена, гориво за екипите на терен ќе се одвојат пари од општинскиот буџет. Наскоро ќе биде отворена и жиро сметка за донации за оштетените, како и телефонски број и лице за контакт за пријавување на штетите или проблеми кои би се појавиле како последица од невремето.

Уништени се јаболката и овошните насади во селата Крани, Штрбово, Наколец, Љубојно, Долно Дупени. Граѓаните кои живеат во овој регион велат дека штетите се огромни и дека на одредени стебла нема ниту лист, ниту род, сѐ е уништено.

Оштетени се покриви, автомобили, а од паднатите дрвја во авто-кампот „Крани“ оштетени се приколките. Дрвјата кои беа паднати на патот што води кон селата се веќе отстранети и сообраќајот се одвива непречено.  

Министерот за внатрешни Спасовски, кој заедно со министерот за земјоделство, ги посетија населените места во Преспанскиот регион, рече дека владата веднаш ќе преземе мерки за состојбата да се санира и животот да се врати во нормала.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ