Кој ќе ја разреши Јанева?

„Јавниот обвинител може да биде разрешен пред истекот на мандатот поради незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата“.
Ова е единствената одредба во Законот за СЈО која дава можност за предвремено разрешување, но не прецизира кој треба да ја иницира постапката. Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовевски го очекува тоа од Советот на обвинители.
Посочува дека во овој случај треба да се смета дека обвинителкта Јанева е спречена во извршување на својата функција и дека во недостиг на регулација во Законот за СЈО, се применува Законот за обвинителство.
Претседателот на Советот на обвинители Коле Штериев вели дека во законот не постои таква одредба.
-Не знам што мислел со тоа Јовевски. Во Законот стои дека Советот на обвинители може да назначи веде обвинител кој ќе раководи со обвинителството само ако му престане мандатот на раководителот или ако е разрешен од функцијата. Овде немаме таков случај, оцени Претседателот на Советот на обвинители, Коле Штериев.
Штериев очекува официјално известување од јавното обвинителство за преземените активности во врска со Јанева, по што секако ќе закаже седница на Советот.
И Собраниската комисија за избори и именувања не може да поведе постапка за разрешување на Јанева без конкретна иницијатива.
-Доколку до Собранието пристигне било каква иницијатива, веднаш ќе биде закажана седница на Комисијата за избори и именувања, посочи претседателот на комисија за избори и именувања, Илија Димовски.
Според законот, доколку Советот на обвинители почне постапка за разрешување, треба да подготви извештај кој ќе ги содржи основите за тоа и да го испрати до Собранието.
Ќе биде разгледан во Комисијата за избори и именувања, по што треба да се изјаснат четирите партии што ја предложија Јанева за прв човек на СЈО, а конечната одлука ја носат пратениците со дво-третинско мнозинство.
Минатиот месец, Јанева самата најави оставка и ја услови со донесување на нов закон за обвинителство, но остана нејасно дали воопшто ја поднесе до Собранието и до Советот на обвинители.

Соња Николовска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ