КОД – САРХЕМ ке заработи милиони од проектот за спасување со хелихоптери

Во физибилити студијата се наведени три основи, од патници на аеродроми, од процент на патарини и од воздухопловната Еуроконтрол која за 24-часовен систем за потрага и спасување дава пари.

Државата треба да му овозможи и да му даде дозвола на партнерот од Шведска сам редовно да прибира надоместоци.

-Финансирањето на оваа нова организација ќе се врши со бизнис модел со иновативни приходи/собирање надоместоци/такси кој се базира на тоа дека владите не треба да буџетираат дополнителни пари за услугата, туку со финансиски модел кој произлегува од нови приходи создадени од туризмот, фондовите на ЕУ и од осигурителни компании, слично на она што го прават другите европски земји.

И сега математиката, лани во Македонија влегле или излегле на граница околу 20 милиони луѓе, некои и повеќепати. Процентот на странци е 60 проценти, односно 12 милиони влегувања. Ако за еден престој на странец поделиме на два излегува дека 6 милиони биле во државата, кој на престој, кој на транзит. Доколку секој плати на влез по едно евро ете ти 6 милиони евра. На аеродромите слетуваат или полетуваат над 2 милиони патници и тука по едно евро за лет, уште два милиони евра.

Најспорно е она со Еуроконтрол, иако МВР ја врши обврската за 24 часовна покриеност со хеликоптер за спасување и потрага, парите за таа нмаена завршуваат во Агенцијата за цивилно воздухопловство каде има оддел за таа намена кој ги регистрира инцидентите на небо. Годишно таа ставка странски пари кои завршуваат во АЦВ изнесува околу 115 илјади евра.

Агенцијата ја планира и организира потрагата и спасувањето, а оперативно на терен во моментот дејствува МВР, а во иднина странскиот приватен партнер би требало да го врши тоа.

Кога на брифингот го прашавме Рашковски дали државата ќе се откаже од некој надоместок за партнерот од Шведска, генсекот на владата изрично одговори не.

Но доколку собира пари од нови намети за странци, прашањето е зошто не се вложат истите пари во хеликоптерите на АРМ и МВР кои би ги вршеле спасувачките операции. Така е во Словенија, земја членка и на НАТО и на Европската Унија.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ