КОД: Полициска заштита и судски пресуди за Боки 13

Во агенцијата за медиуми веќе е отворена истрага, засега Боки не дал изјава заверена на нотар во која ќе потврди дека сонот сепак не му е исполнет, дека не е сопственик на медиум. Татко му и Ерцеговиќ се потпишале дека се тие сопствениците.

Но истрагата на АВМУ не застанува тука. Ќе бара докази преку МВР, и тоа само поради тоа што има сознанија дека самиот Бојан Јовановски побарал заштита, да го чуваат полицајци поради заканите кој ги добивал како газда на 1 ТВ.

Ако се истражи името Бојан Јовановски на интернет сајтот на сите судови во земјава има што да се види. Човекот кој го доби својот епитет по манифестацијата 13 ка за најуспешните која ја организира уште како тинејџер, има многу пресуди.

Последно и не помалку интересно од она што може да се најде на судските сајтови е пресудата на вишиот управен суд, која открива дека Боки 13 се обидел да премине граница со поголема сума на пари скриени во чанта без да ги пријави што е спротвино на законот. Настанот се случил во ноември 2014 на Аеродром. Кога царинарниците го прашале колкава сума пари носи со себе тој кажал неодредено 5 – 6.000 евра. 

-Бил селектиран за детален преглед, при извршениот преглед пронајдени се 9.500 евра, од кои 7.500 евра пронајдени се во новчаникот кој се наоѓал во личната патна торба, а останатите 2.000 евра во плико кое исто така се наоѓало во патната торба. За девизите патникот изјавил дека поради незнаење на царинските прописи не поседувал никаков валиден документ за истите и за нивното потекло, пресуда на Виш управен суд .

Боки 13 сака скапи чанти,што може да се види речиси на сите фотографии од него. Според извори од истрагата за рекет, парите кои биле давани од бизнисменот биле во ќеш, во скапа чанта. Тој пак повторно беше уапсен на граница со скапа чанта која до судот ја однесе полицаец, оти на Боки 13 рацете му беа врзани со лисици.

Билјана Николовска

Како Боки 13 е суден за измами во кои лажно закажувал концерти со балкански ѕвезди. Гледајте вечерва во КОД во 19:15.

Во КОД и делот дека обвинители на СЈО се пријавиле да сведочат во истрагата за рекетирање на бизнисмени.

Демант

Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира дезинформациите што во емисијата „Код“ на ТВ Телма ги изнесе директорот на АВМУ Зоран Трајчевски дека наводно лицето Бојан Јовановски имало службено обезбедување од МВР. Тоа апсолутно не е точно. Бојан Јовановски немал службено обезбедување од МВР. Непрофесионално и неетички е Трајчевски, кој е на чело на регулаторно тело на кое му е работа да ја штити јавноста од дезинформации и да внимава на етиката во известувањето, самиот да шири дезинформации.

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ