Ќе има ли вистински аплауз на прославата 70 години НАТО?

Лидерите на земјите членки на најмоќната воена алијанса уште синоќа почнаа да пристигнуваат во Лондон. Прв кој стапна на британско тло беше кандаскиот премиер Џастин Трудо, а кратко по него и американскиот претседател Трамп. НАТО слави 70 години постоење. На самиот старт се очекува големиот аплауз, но со оглед на предизвиците со кои се соочува, малкумина мислат дека ќе биде срдечен. Прославата ќе биде суптилна, најпрво поради терористичкиот напад кој пред неколку дена се случи во Лондон, но и поради непријателските погледи кои меѓусебе си ги праќаат моќниците. Поради тоа се поставува прашањето што носи иднината за НАТО. Од надвор, стои агресивната Русија, посебно кога станува збор за Сирија и Украина. Загрижуваат и сајбер нападите на Кина. Но и одвнатре, довербата меѓу членките се повеќе се намалува. Многумина од нив во прашање ја доведуваат посветеноста на Вашинготн кон Алијансата. За американскиот претседател, Алијансата е застарена, а пред неколку дена најави дека Америка ќе ги намали давачките кон НАТО.

Но, Трамп не е единствениот критичар. За Францускиот претседател Макрон, НАТО во својата 70-та година е во мозочна кома и апелираше од Европа да создаде своја безбедносна структура. На ова силно се спротистави Столтенберг, кој рече дека европското единство не може да го замени трансатлантското единство. А за Трамп изјавата на Макрон е многу валкана и понижувачка.

  • Навистина изјавата е валкана, за останатите 28 држави членки. Мислам дека со оглед на тоа што на Франција не и оди добро економски, погледнете што се случува со жолтите елеци, затоа таа изјава е многу понижувачка и за другите земји членки., изјави Трамп.

Масло на огнот влева и турскиот претседател Ердоган со тоа што постојано го напаѓа американскиот сојузник, и купува оружје од Русија. Пред да тргне за Лондон, Ердоган со нова закана – дека Турција ќе се спротистави на планот на НАТО ако не ги признае како терористи групите против кои се бори.

Се чини дека единствениот кој вели дека се е во ред со алијансата, е само генералниот секретар Столтенберг.

  • Имаме разлики затоа што сме различни 29 земји членки од двете страни на атлантикот со различни политички партии, со различни истории, политчки гледишта и географии. Но и покрај овие разлики секогаш сме успевале да се обединиме околу суштината – да се заштитуваме и браниме едни со други, бидејќи сме појаки и побезбедни заедно, вели Столтенберг.

Сепак, во својата седма деценија од постоењето, земјите членки ќе треба да вложат сериозни напори за да ги премостат разликите.  Членот пет од статутот на НАТО вели дека „нападот на еден е напад врз сите“, но ова славно мото сите се прашуваат дали се уште важи.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ