Катерина Коцевска од утре нов в.д. директор на Драмски театар

Актерката Катерина Коцевска е нова в.д. директорка на Драмски театар, избрана од редот на вработените, велат од Министерството за култура. Таа утре ќе направи примопредавање во театарот, по што официјално ќе и започне новата функција. Информацијата за Телма ја потврди и Коцевска, која рече дека по примопредавањето ќе биде во можност да зборува за приоритетите како нов в.д. директор на театарот.

Коцевска е скоро 37 години член на ансамблот на Драмски. Остварила над 30 улоги, за кои добила повеќе странски и домашни награди, меѓу кои е онаа за најдобро актерско остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“, за ликот на Олга во претставата „Карамазови“. Играла на филм и на тв,  а автор е и на неколку  изведени драмски текстови. Сега и тече првиот мандат како уметнички директор на фестивалот „Војдан Чернодрински“.

Катерина Коцевска доаѓа на функцијата в.д. директор на Драмски, на местото на разрешената директорка Викторија Рангелова –Петровска, која по професија е драматург и раководеше со театарот од септември 2018 година. Таа беше разрешена од премиерот Заев, како дел од проветрувањата во институциите, во текот на летото, а минатата недела поднесе оставка на функцијата.

Согласно законските процедури во текот на 6 месечниот мандат на Коцевска, Министерстовото за култура ќе распише оглас за избор на директор на Драмски, велат од ресорот Култура.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ