Сања Васиќ е водител и продуцент на Топ тема на Ваша страна, а уредува и ги презентира вечерните вести. Во Телма е од 1999 каде покрива надворешна политика и уредува и презентира вести, со прекин од три години, од 2001 до 2004, кога работи како новинар во Гласот на Америка во Вашингтон. Од Скопје работи и за Светскиот сервис на Би-Би-Си. Новинарската кариера ја почнува во весникот Нова Македонија каде работи до 1999.
Снежана Лупевска – Созен
Снежана Лупевска Созен кариерата ја започнува во 1994 во „А1“ телевизија како репортер за внатрешна политика, криминал и корупција, а потоа и како уредник. Од 2007 е продуцент и автор на емисијата „КОД“ - единствената емисија во Македонија која истражува теми поврзани со корупција и криминал. Од 2015 Лупевска е уредник на информативната програма во телевизија „Телма“ и продуцент и водител на „Топ тема на Ваша страна“. Лупевска е добитник наградите: од амбасадата на САД за Извонредни постигнувања и промоција на демократијата во Македонија, од МИМ за најдобра емисија „КОД“, за истражувачко новинарство од ЗНМ и наградата „Никола Младенов“.
Боби Христов има долгогодишно искуство во новинарството, како во електронските, така и во печатените и on-line медиуми, почнувајќи ја кариерата со првиот број на весникот Дневник, а потоа да биде дел и од тимовите на Лоби, 24 Вести, Алсат-М, неделникот Капитал, македонската редакција на Светскиот сервис на Би-Би-Си. Тој му се приклучи на тимот на ТВ Телма во декември 2014. Добитник е на наградата „Жан Моне“ на Мисијата на ЕУ во Скопје во 2006 година.