КАРЕН ШАХНАЗАРОВ – УМЕТНОСТА Е ПОЛИТИКА СО РАЗЛИЧЕН ПРИСТАП

Со проекцијата на филмот „ Ана Каренина: Историјата на Вронски “, во режија на на Карен Шахназаров, во Кинотеката на Македонија започнаа „ Денови на рускиот филм“. Во рамките на свеченото отворање на истакнатиот режисер и директор на „Москва Филм“ му бече врачена титулата почесен доктор на Универзитетот ЕФТА.

Делата на руските класици  Толстој, Достоевски, Гогољ, Чехов, Булгаков секогаш ќе бидат предизвик за еден уметник, без разлика на временската дистанца со која се навраќаме вели рускиот режисер, сценарист и  продуцент Карен Шахназаров, кој за своето разнолико и обемно творештво е добитник на бројни награди и признанија.  Со проекцијата на „Ана Каренина: Приказната на Вронски“ пред македонската публика  се потврди моето чувсто дека во Македонија ме разбираат, и преполната сала е доказ за интересот за руската кинематографија, додава Шахназаров.

„Лав Николаевич Толстој генијално ги има опшано односите меѓу мажот и жената, толку добро што е предизвик за секој, не само уметник, туку и читател да се навраќа на нив  и не случајно што има толку филмови кои се своевидно ново промислување на сите детали за кои во одреден миг и не сте биле свесни при првото читање на делото „Ана Каренина“ или при гледањето на филмовите инспирирани од ова дело. Затоа е потребно одново читање и толкување на руските класици“, вели Карен Шахназаров.

Низ историјата до денес многупати сме биле сведоци на дијалогот на уметноста и политиката, во која мера  уметноста е исполитизирана ?

„Веднаш можам да кажам уметноста е политика. Политиката се занимава со взаемниот однос на луѓето и уметноста исто така. Но политиката тоа го прави на едно рационално ниво, додека уметноста тоа го прави тоа со срце и затоа повторувам уметноста е политика, но со различен пристап“, смета истакнатиот режисер и директор на „Москва Филм“ Шахназаров.

Во рамките на „ Денови на рускиот филм“ во Кинотеката на Македонија ќе бидат прикажани 25 класици и современи остварувања на  руската кинематографија, со што ќе бидат одбележани 25 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Руската Федерација и Република Македонија.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ