Кандидатите за наследник на Јункер ги претставија идеите за Европа

Европа во моментов е бавна во носење на одлуки. Потребна ни е силна Европа, чии механизми мора да се обноват, смета Манфред Вебер, водечкиот кандидат за претседателската функција на Европската комисија.

  • Европа не е доволно брза, како што видовте во случајот со Венецуела, и затоа мора да се промени мнозинското носење на одлуки. Само со ваков нов механизам, можеме да ја вратиме силата на Европа, нашите основни вредности за силна Европа на глобалната сцена, смета Вебер, кандидат од ЕПП.

Европа треба да и покаже заби на Америка и да застане цврсто зад своите ставови, истакна овој фаворит за раководната функција на моќното извршно тело во ЕУ. Меѓу шесмината кандидати е и потпретседателот на комисијата, социјалдемократот Франс Тимерманс, кој отвори жестока расправа за нефер играта меѓу компаниите во даночната политика.

  • Имаме компании кои најдоа начини да не плаќаат воопшто даноци. Маргарет е во право, овие големи компании не плаќаат. Треба да продолжиме да ги прашуваме Алекса, Амазон, кога ќе почнете да плаќате даноци?, вели Тимерманс, кандидат на партијата Европски социјалисти.

Во 90-минутната дебата, кандидатите се судрија околу модерните проблеми – миграцијата и зголемениот национализам, но беа едногласни дека во моментов Европа не прави ништо за климатските промени.

  • Слушаме многу фини зборови од европските политичари, но нема ниту една конкретна мерка преземано. Не ги напаѓаме главните загадувачи, рече кандидатот на европската Левица, Нико Куе.

Кандидатката на Зелените, Ска Келер ги искритикува противкандидатите од другите политички партии дека во ЕП никогаш не гласаат за мерките потребни за решавање на климатската криза.

  • Но, добрата работа е што имаме инструменти, мерки кои треба да ги спроведеме, ги имаме на маса, само треба да ги спроведеме. И тоа е проблем што другите групи присутни тука постојано гласаат против прогресот во борбата против климатската криза, вели Ска Келер, од партијата на Зелените.

Данската политичарка Маргарет Вестагер, која е дел од ЕК, инсистира гигантите одговорни за загадувањето да плаќаат повисоки даноци.

Чешкиот пратеник во ЕП, Јан Захрадил најави дека ќе работи на создавање флексибилна и децентрализирана Европа, но и дека на земјите членки нема да им држи лекции, туку ќе работи со нив. Ќе се залага за помалку, но поквалитетни работни часови.

За време на дебатата, темата проширување на ЕУ не беше спомната. Изборите ќе се одржат од 23 до 26 мај, а Европскиот парламент по инаугурацијата на новиот состав на ЕК на втори јули, ќе треба да го избере идниот претседател. Предизборните анкети покажуваат дека европската народна  партија и овој пат ќе освои најмногу европратеници и ќе добие можност да именува Претседател на Европската комисија.

 

Алиса Шутиноска

 

 

 

 

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ