Како да се спречи насилството во болниците – надлежните бараат одговори

Годинава 15 лекари пријавиле дека се нападнати или тепани на работното место. Тоа е речиси тројно повеќе отколку пред пет години, загрижено коментира претседателката на Лекарската комора. Таа заедно со неколку министри седна на иста маса за да се договорат како да го спречат насилството во болниците, по тепањето на доктор во Тетово и инцидентот во старата Градска болница во Скопје.

Неколкуте последователни тепачки во болниците ги налутија специјализантите, кои ќе организираат протест во среда.  Сепак оттаму се побунија и денес, затоа што државните институции прават дебата, а тие непоканети и самоиницијативно дојдоа на истата.

Сепак, сите се сложни дека насилството врз лекарите мора да запре, а за такво нешто се потпираат на казните. Да нападнете полицаец или лекар – е исто пред Законот, предупреди министерката за правда Рената Дескоска. Ставот за казните со неа го дели и министерот за здравство Филипче кој изјави дека и тој самиот се плашел за својата безбедност како лекар.

Токму министерот за здравство Филипче потврди дека ќе присуствува на протестот против насилство врз медицинскиот кадар кој во среда претпладне го организираат од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари. А, последните напади кои се случија во болниците ги натераа од министерството за здравство да најават дека ќе ангажираат приватно обезбедување во болниците. Од полиција се заканија со зачестени патроли.

Петар Догов

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ