Јунајтед го поправа впечатокот против Севилја, Рома бара место во четвртфиналето преку Шахтјор

Манчестер јунајтед не се прослави на првиот натпревар против Севилја на „Рамон Санчез Писхуан“, па ремито без голови беше џек-пот за премиерлигашот во првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампиони.

Вечерва на „Олд Трафорд“, „ѓаволите“ ќе мораат далеку подобро и ќе мораат да постигнат барем еден гол за прогрес во следната фаза. Пред три недели го имаа расположениот Давид де Геа на голот, а вечерва ќе треба расположен напад. Момците на Жозе Мурињо се во добра форма, бидејќи добија две англиски дербија на домашен терен во последните три кола против Челси и против Ливерпул. Златан Ибрахимовиќ, Пол Погба и Ентони Марсијал се неизвесни за Јунајтед, но Мурињо има доволно квалитетен напад за да ги покрие оние кои недостигаат, додека надвор од комбинација се Маркос Рохо, Андер Ерера, Дејли Блинд и Фил Џоунс. Во составот на Винченцо Монтела ќе го нема повредениот Хесус Навас.

Рома со негатива од 2-1 ќе се обиде да го мине Шахтјор Доњецк на реваншот на „Олимпико“. „Волчицата“ не била во четвртфиналето од Лигата на шампиони повеќе од десет години, а на последните пет натпревари од осминафиналето во ова натпреварување има пет порази. Италианскиот тим имаше одличен старт на првиот натпревар во Украина и поведе преку Џенгис Ундер, но Ферерира и Фред направија целосен пресврт за Шахтјор и обезбедија предност пред реваншот. Резултатот не е така лош за Рома со оглед на фактот дека и минимална победа од 1-0 ја носи помеѓу најдобрите осум на Стариот континент.

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ