Јавниот долг ќе расте во наредните две години, во 2019 ќе дојде до 55,9 отсто од БДП

Јавниот долг на земјава ќе расте во наредните две години. Ако сега тој тежи 4,7 милијарди евра или е на ниво од 45,8 отсто од бруто-домашниот производ, идната година ќе достигне 52,4 отсто, а во 2019 година ќе се искачи до 55,9 проценти. Ова го предвидува најновата Фискална стратегија за периодот од 2018 до 2020 година што Министерството за финансии ја објави на својата веб страница, а документот е испратен и во Собранието. Јавниот долг ќе почне да се намалува дури во 2020, кога треба да дојде до 53,5 отсто од БДП.

Иако во изминатите години нивото на долгот се зголеми, сепак во однос на земјите од ЕУ , Македонија сега е умерено задолжена земја, навеле од Министерството за финансии во стратегијата. Во неа си задаваат лимит дека нивото на вкупниот јавен долг не смее да ја надмине границата од 60 отсто од БДП.

„Врз основа на среднорочната буџетска рамка преку која произлегува потребата за финансирање на буџетските дефицити на среден рок, како и имплементацијата на проектите кои се надвор од централната власт, движењето на јавниот долг на среден рок ќе има умерен пораст, но сепак ќе се движи во адекватни рамки, односно нема да ја загрози оддржливоста на долгот“, се вели во стратегијата.

Во следните години обврските за отплата на надворешниот и внатрешниот државен долг ќе се зголемуваат.

„Особен предизвик … се очекува во 2020 и 2021 година, кога редовно ќе достасаат еврообврзниците издадени во 2014 и 2015, на вкупен износ од 770 милиони евра, како и втората рата по основ на заемот обезбеден со гаранција од Светска банка, во износ од 155 милиони евра“, се вели во стратегијата.

Владата во овој документ се обврзува на постепена фискална консолидација, па учеството на буџетскиот дефицит во БДП ќе се намали од 2,7 отсто во 2018, на 2,3 проценти во 2020 година. Финансирањето ќе се обезбедува од задолжување дома и надвор, преку Еврообврзница или поволни кредити од странски институции.

В година државата планира на странскиот пазар да се задолжи 566 милиони евра, во 2019 тој износ е помал, 414 милиони и во 2020 уште понизок, 399 милиони евра.

На домашниот пазар ќе се зголемува рочноста на хартиите од вредност, па државни обврзници со рок на доспевање од 15 години ќе се издаваат најмалку 4 пати годишно.

Претходната Влада во фискалните стратегии постојано се обврзуваше на фискална консолидација, но тие заложби генерално остануваа само на хартија.

 

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ

Економија

Шпанската компнаија „Рубау конструксионес“ го раскина договорот со ЈП Државни патишта за изградба на делницата Фариш – Дреново

Шпанската компанија „Рубау конструксионес“ го раскина договорот со Јавното претпријатие за државни патишта за изградба...