Јавниот долг годинава ќе стигне 6 милијарди евра – еврообврзница од 500 милиони евра ќе се издаде после избори

Јавниот долг на земјава година ќе достигне 50,4 проценти од БДП и ќе изнесува околу 6 милијарди евра. Тоа е за 1,5 проценти повеќе од лани кога годината ја завршивме со јавен долг од 48,9 проценти од БДП или 5,54 милијарди евра. Но, за министерката Ангеловска, долгот не расте, туку тој се стабилизира. Вели не може да не се задолжува земја во развој со значајни инфраструктурни проекти. Според неа најважно е за што се трошат парите, односно добро е ако со нив се финансираат капитални проекти, а не споменици.

„Јас во ниеден момент не го употребив зборот намалување, туку го употребив зборот стабилизација. Ако го забележите галопирачкиот раст од 23 проценти односно дуплирање на долгот од 2006 година до 2016 година зборуваме за силна стапка на раст на јавниот долг. Доколку ги погледнете последните три години гледаме дека линијата е речиси права“, вели Ангеловска.

Министерката потврди и дека земјава ќе издаде нова еврообврзница вредна 500 милиони евра, но тоа ќе се случи после изборите.

„Ние оваа година имаме за враќање 440 милиони евра по основ на стари долгови. Што значи овие 440 милиони евра треба да се вратат, за да се вратат ние го  следиме меѓународниот пазар на капитал и гледаме кој е најповолниот начин и тајминг за да се задолжиме за да се раздолжиме, рече Нина Ангеловска, министерка за финансии.“

Ангеловска денеска промовираше нова алатка за транспарентност. Преку линк кој ќе го прикажува движењето на јавниот долг, министерката планира да се бори со лажните вести за јавниот долг кои тврди дека се злоупотребувале за политичко поентирање. Во медиумите се објавувало само кога министерството се задолжува, но немало вест дека се задолжува за се раздолжи.

Александра Филиповска

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ