Избрзана или историска одлука на Трамп за средбата со Км Џонг Ун

Доналд Трамп се согласил на средбата со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун без да се косултира со своите советници, тврдат американските медиуми. Во администрацијата недостига кадар на клучните позиции кои се однесуваат токму на прашањето за нуклеарната закана од Северна Кореја, додаваат тие, и поради тоа постојат стравувања дека ова може да биде искористено од Пјонгјанг.

„Навистина САД треба да се осигураат дека овој самит нема да биде само можност за фотографирање. Знаме дека е историски, ова ќе биде прв пат аткуелен претседател на САД да се сретне се севернокорејски лидер“, смета Брус Клигнер од фондацијата „Херитиџ“.

Белата куќа и Стејт департментот биле непријатно изненадени од одлуката на претедателот, која очигледно ја донел на своја рака. Дури и државниот секретар Рекс Тилерсон изјави дека со Трамп разговарал по објавувањето на информацијата дека ја прифатил поканата на Ким. Американските медиуми тврдат дека вистинска трка се случува во администрацијата, која со сите сили се обидува да ја организира средбата на начин на кој би бил постигнат максимален успех.

„Иако преплавен со многу неизвесности, поради стилот на претседателот и недостатокот на подготовка, ова е добра работа. Ќе го подржам иако имам големи резервации за пристапот на претседателот кон надворешната политика“, вели поранешниот американски амбасадор во ООН, Бил Ричардсон.

Трамп тврди дека конечниот договор со Северна Кореја веќе се подготвува, додека пак Белата куќа порача дека без потребните остапки од Пјонгјанг, средбата нема да се одржи.

„Кампањата на максимален притисок нема да ја прекинеме. Нема да се повлечеме или да направиме промени во тој поглед. Ќе ги продолжиме овие напори и овој состанок нема да се одржи додека не видиме конкретни чекори кои се во согласност со зборовите и реториката на Северна Кореја“, тврди прессектретарот на Белата куќа Сара Хакаби Сандерс.

Постојат противречности и во извештаите што точно изјавил Ким Џонг Ун за време на средбата со јужнокорејската делегација, преку која и ја испрати поканата до Трамп. Северна Кореја и претходно ја запираше својата нуклеарна програма за да седне на преговарачка маса, која пак лесно ја напушташе доколку изгуби трпение или оцени дека нема да го добие тоа што го посакува. Дел од американските аналитичари стравуваат дека администрацијата на Трамп ќе наседне на севернокорејската замка, да направи остапки без ништо конкретно за возврат.

Игор Трајков

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ