Италија пријавувала непотврдени случаи коронавирус

Волтер Рикарди, советник на италијанскиот министер за здравство од СЗО, изјави денеска дека регионите зафатени со вирусот по грешка пријавувале поголем број случаи на луѓе заразени со коронавирусот во Италија.

Официјално, регионалните власти ги објавувале резултатите на луѓето кои биле позитивни во првиот тест, без при тоа да ги потврдат од националниот институт за здравство во Рим.

Очигледно постои временска пауза додека националниот институт за здравство ги потврди резултатите, но тоа што е важно е регионите да не ги соопштуваат тие резултати предвреме заради посветеноста на транспарентност која ја имаме кон меѓународните институции. Ако регионите тврдат дека тие резултати се точни иако станува збор за сомнителни и непотврдени  резултати, ние тоа мора да го пренесеме на меѓународно ниво.

Ако ја применувавме оваа процедура, официјално ќе имавме 190 случаи досега.

Претходно, беше соопштено дека за 24 часа, случаите на заразени со коронавирус се зголемиле за 25 % , на 400-тини луѓе.  Најтешко зафатени региони во Италија се во индустрискиот север на државата – Ломбардија, регионот околу Милано и Венето, во близина на Венеција. Во Италија досега има 12 починати а властите се обидуваат да ја смират јавноста и инсистираат дека ги презеле сите неопходни чекори за ограничување на епидемијата. 11 населени места во центарот на епидемијата – каде живеат 55 000 луѓе – се под карантин.

Нови два случаи има и во Грција, детето на 38 годишната жена која беше прв потврден случај на коронавирус и еден маж во Атина. Сепак од сите страни пристига апел да не се крева паника во јавноста, укажувајќи дека ситуацијата се уште не е надвор од контрола. На глобално ниво, СЗО информираше дека има повеќе од 80 000 случаи на луѓе инфицирани со коронавирусот, во 40-тина земји во светот.

Огромен број на овие случаи се во Кина, каде вирусот првично избувна. Кинеските дипломатски претставници ги отфрлаат и обвинувањата дека официјален Пекинг ги прикривал фактите за епидемијата коронавирус.

Иако на почеток треба време за да се утврди вирусот, бидејќи е нов, мислам дека кинеската влада постапи многу темелно и многу бргу и мерките кои ги презедовме се сеопфатни, активни и темелни. Всушност, мерките кои ги презедовме, го надминаа опсегот на препораките на светската здравствена организација и се повеќе од барањата на меѓународните здравствени организации.

Како уште еден знак за економските последици од вирусот, германската авиокомпанија Луфтханза го суспендираше вработувањето нови луѓе а на своите вработени им понуди можност за користење неплатен одмор. Во Германија досега има 21 случај коронавирус.

Никола Илиевски

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ