Истече старата методологија за цените на горивата, но ценовни шокови нема да има

Од 14 мај па во следните десетина дена секоја бензинска пумпа во земјава ќе може сама да ја одредува цената на горивата, бидејќи таа ќе се формира либерално, од причина што денеска завршува договорот со ОКТА, и веќе не важи старата методологија која со него беше утврдена, а според која Регулаторната комисија за енергетика имаше обврска да ги утврдува цените на бензините. Новата методологија, пак, се уште не е донесена, бидејќи иако е предвидена со измените на Законот за енергетика, указот за нив не го потпиша претседателот Ѓорге Иванов, па тие треба да бидат повторно изгласани во Собранието, потоа да ги парафира новоизбраниот претседател Пендаровски, и да бидат објавени во Службен весник. Тоа значи дека ќе мора да има вакуум период од десетина дена додека стапат на сила новите правила за одредување на цените.

Сепак, од Регулаторна уверуваат дека и за време на овој вакуум период, но и откако ќе почне да се применува новата методологија, нема да настанат никакви ценовни шокови за граѓаните во поглед на цената на горивата, бидејќи очекуваат дека трговците со нафта, кои се сериозни компании, нема да ги зголемат цените на горивата на бензинските.

Договортот со ОКТА важеше 20 години и согласно Анексот Д од тој договор, како фактор се земаше производната цена. Со новата методологија која ќе треба да стапи на сила, како основа ќе се зема цената на горивата на светските берзи, но и курсот на доларот.

Новина ќе биде тоа што цената на горивата ќе се утврдува на седум дена, а не на две недели како што досега беше практика. Со тоа, велат регулаторите, приодобивки треба да имаат и потрошувачите, но и трговците, со цел да не им се создаваат негативни финансиски резултати.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ