Интимниот театар со претставата “Жени” алармира на проблемот со ракот на дојка во Битола

Ракот на дојката кој има речиси епидемиски размери во Битола, е мотив битолската режисерка Софија Ристевска, во приватниот „Интимен театар“ да ја започне подготовката на  теaтарската претстава  „Жени“.

Во неа  нема професионални актери, туку ангажирани се битолчанки  кои биле или во моментот се  болни од  ова малигно заболување.

Целта е да се подигне јавната свест и да им се помогне во битката што секојдневно ја водат со болеста. Според статистиките на невладините организации во Битола секоја недела има по една новозаболена жена од рак на дојка.

– Ова е еден комбиниран,  интердисциплинарен проект затоа што психоанализата ја поврзуваме со театарот, со уметноста. Да направиме театарски продукт кој што малку ќе им ја олесне психата на овие жени, бидејќи тие живеат со стравот дека можеби утре ќе умрат, вели Софија Ристевска, режисер и сопственик на „Интимен театар“

Ристевска вели дека процесот е тежок и се одвива бавно, затоа што станува збор за жени кои никогаш не биле на театарска сцена. Министерството за култура го одби овој проект на „Интимен театар“ од Битола, но режисерката  очекува поддршка од битолската локална самоуправа и  бизнис заедницата,а претставата треба да биде поставена во септември

-Парите ги бараме, затоа што ние имаме простор, имаме логистика за реализација на претставата, но сметам дека овие жени заслужуваат хонорар за нивното учество. Бидејќи тие не го учат текстот од ливче или од автор, да го репродуциираат и заврши претставата. Начинот на кој го пишуваме текстот е многу комплициран, затоа што тие ги кажуваат своите приказни, драматургот ги комбинира текстовите и повторно им ги враќаме, вели Ристевска.

Битолскиот „Интимен театар“ постои од 2010 година, досега има поставено 9 претстави, претежно камерни. Станува збор за ангажиран театар кој зборува за проблемите  од личен и социјално општествен карактер на локалното население.

Емилија Мисирлиевска

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ