Интервју со Ана Мартиноска: Културата мора да има и повисока цел освен профитот

Културата мора да има повисока цел освен профитот, вели професорката и научен советник во Инститот за македонска литература, Ана Мартиноска. Во интервјуто, по повод објавувањето на зборникот „ Културата на распродажба“, кој е плод на научен собир, со поднаслов „Консумеризмот и комерцијализацијата на културните продукти“, Мартиноска вели дека се потребни критериуми според кои ќе се вреднува домашната култура зашто не ретко кичот се претставува како културен продукт. Но, таа не го исклучува квалитетниот уметнички производ од профитабилност, за што смета дека има многу добри примери во историјата на уметноста.

ТВ Телма: Од каде се појави потребата да се дебатира за културата на распродажба и таа дебата од крајот на 2018 година, од тие текстови и разговори, да ја преточите во зборник, кој деновиве го промовиравте и носи наслов „Културата на распродажба“?

Мартиноска: Сакавме кај нас да фатиме чекор со светот, на македонски јазик да објавиме зборник кој произлезе од една прекрасна дебата за многу аспекти на ова прашање. За културата денес, колку е таа соголена од својата суштина под влијание на сите тие трендови на комерцијализација и консумеризам, каква е состојбата кај нас во однос на глобалната слика и слични прашања.

ТВ Телма: Како и каде ги препознаваме примерите на комерцијализација и консумеризам во домашната културна продукција?

Мартиноска: Сведоци сме на наплив од хиперпродукција една, во сите сфери на културата, каде што не секогаш квантитетот е и квалитет. Тоа се случува во издаваштвото и во другите области, затоа што профитот станува цел наместо културата да се употреби како едно сретство. Меѓутоа, покрај профитот , таа мора да остварува и некаква повисока цел, да има некаква естетска функција, која што ја задоволува.  Од тука, не може листите на бестселери да бидат единствен репер за вреднување на културата. Културата мора да се вреднува по некои други аксиолишки параметри.

ТВ Телма: Може ли еден културен продукт да ги зачува вредностите, а во исто време да биде примамлив како стока на пазарот?

Мартиноска: Па, тие не се спротивставени нужно, едни на други. Добра уметност знае да носи голем профит. Од историјата на уметноста, земете ги големите имиња од канонот. Тие се продаваат за високи цени и тука нема ништо спорно. Ќе повторам, спорно е ако профитот е единствена цел на културата.

ТВ Телма: Каква е положбата и иднината на културата, имајќи предвид  дека живееме во време на неолиберален капитализам?

Мартиноска: Тоа е еден широк сплет на околности, кои што ги вклучуваат медиумите, целата таа потреба од спектакал, од некакви икони на потрошувачкото општество, во кое сакаат да ни продаваат и култура. Од кичот- спектаклот значи на површност на повеќе нивоа, кој се пресликува во областа на културата, се разбира. Наспроти неа , кај нас во Македонија, јас тврдам дека се создава и одлична уметност во повеќе сфери. Можеби е тоа во некоја, јас би ја нарекла културна герила, меѓутоа навистина има квалитет, кој за жал не го добива своето заслужено место во општеството. Треба да изградиме критериуми по кои ќе ги вреднуваме нештата во културата.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ

Култура

Уметниците и работниците од независната културна сцена бараат од Владата да формира Специјален фонд за субвенции поради кризата со корона вирусот

Кризата со корона вирусот сериозно ја загрозува егзистенцијата на уметниците и културните работници од независната...