„Инклузива“: Итни мерки за превенција од ширење на коронавирусот кај лицата со попреченост

Лицата со попреченост стануваат уште поранливи во услови на тековната состојба предизивикана од ширење на коронавирусот, сметаат одговорните од здружението „Инклузива“. Во овој период на сите им е тешко, смета претседателката на здружението, но на лицата со попреченост им е уште потешко бидејќи во периодов се затворени и онака малкуте дневни центри за лица со попреченост.

– Зависно од видот и степенот на попреченост на својот член се разликуваат и потребите. Затворањето во домот за некои лица е невозможно, некои родители се во работен однос, а дневните центри не работат, едниот од родителите мора да не работи за да се грижи за своето дете. Понатаму стресната состојба многу повеќе е изразена кај овие семејства, бидејќи лицата и децата со попреченост се со многу послаб имунитет, а голем дел од нив се со придружни хронични заболувања, со што се во поголем ризик за инфекција од коронавирусот, вели претседателката на здружението Благица Димитровска.

Од здружението бараат од надлежните власти сет мерки за заштита на лицата со попреченост од коронавирусот, социјални, здравствени, сервис за овие лица за набавка на продукти, лекови, готова храна, препораки од лекари, од специјалисти и стручни служби.

Оваа состојба, велат, ја процениле и од ОН, чиј специјален известувач за правата на лицата со попреченост Каталина Девандас предупредува дека и на светско ниво недостига поддршка за лицата со попреченост и нивните семејства.

– Лицата со попреченост сметаат дека се запоставени, рече експертката за човекови права на ОН. Мерките за превенција, како што се социјалното дистанцирање и самоизолацијата можат да бидат невозможни за оние на кои им е потребна поддршка од други лица при хранење, облекување и капење. Оваа поддршка е основа за нивното преживување и сите држави мора да преземат дополнителни мерки за социјална заштита за да гарантираат континуитет на поддршка на безбеден начин во текот на кризата, стои во објавата на здружението „Инклузива“.

Димитровска додава дека во овој период семејствата на лицата со попреченост немаат консултации со лекари и се потпираат на препораките од власта за секој проблем да се јават кај матичните лекари.

Објавено на
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ