Има политичка воља за напредок оценила ЕК во најновиот извештај

Европската комисија повторно препорачува отворање на пристапните преговори со Македонија, а извештајот за напредокот е меѓу попозитивните во овој пакет на Брисел, кој, како што стои во извештајот, „јасно ја препознал политичката волја за напредок“. Дописниците на Радио Слободна Европа имале увид во документот што ќе биде објавен на 17 април Стразбур. Како што пишува Слободна Европа во него се предупредува дека „штетата која се правела години на назад не може да се среди преку ноќ“, но дека земјава ја надминала длабоката политичка криза и дека структуралните реформи се долг процес кој може да потрае.

Во нацрт-извештајот уште било нагласено  дека за понатамошен напредок на земјата од одлучувачка важност се задржувањето и продлабочувањето на процесот на донесување на итните реформски приоритети. За познавачите ваквиот извештај е очекуван, датум за преговори ќе се добијат во моментот кога земјава ќе го реши проблемот со Грција за името.

Европската комисија и овој пат во повеќе наврати го користи изразот заробени држави за државите од целиот регион. Нотирала дека јавната управа во државите од регионот останува слаба, и малку или воопшто нема прогрес на полето на слобода на изразување. Сепак за Албанија се вели дека е шампион во регионот, но според Трошановски ова е само поради тоа што Албанија сега добива препорака за отпочнување на преговори, нешто што земјава одамна го има.

Македонија прв пат доби препорака за почеток на преговори пред девет години, во 2016-та препорака за отпочнување на преговорите беше условена со спроведување на договорот од Пржино постигнат во 2015, и исполнување на итните реформски приоритети. Во истиот извештај беше за прв пат употребен терминот заробена држава. Во есента 2017 извештајот беше одложен за во пролет оваа година.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ