Илир Мета: Ако моето разрешување ја реши кризата, поднесувам оставка

Албанскиот претседател Илир Мета останува на ставот дека локалните избори нема да се одржат на 30-ти јуни, туку на некој друг датум кога ситуацијата во земјата ќе се смири. Попладнево, Мета во вонредно обраќање ја објасни својата одлука, која е легитимна, и за која вели дека немал никаков притисок од опозицијата. Тој вели дека не ги разбира напорите на мнозинството во парламентот кои одлучија в четврток да расправаат за негово разрешување од функцијата, поради тоа што стави вето на изборите.

„Не разбирам. Дали ви е поважно решавањето на кризата или моето разрешување? Ако е само за смена на претседателот, тоа е многу лесно. Еве да ја решиме кризата, поднесувам оставка. Нема проблем, изјави Мета.

Нудејќи ја својата оставка, албанскиот претседател рече дека е подготвен на таа жртва, но дека локални избори нема да распише, за да се избегне граѓанскиот судир во земјата, која се повеќе се одалечува од добивањето датум за почеток на преговори со ЕУ.

„Можностите се нула, рече Мета. „Без решавање на оваа криза не само што ќе нема почеток на преговори во јуни, ниту во септември, и уште долги години, а шансите за европска интеграција на Албанија нема да бидат ни на хоризонтот, додава.

Со оглед на се подлабоката инсистуционална криза, според Мета, веќе никој во земјата и во Европа и Америка не верува дека изборите на 30-ти јуни би биле слободни и демократски.

За импичмент на Мета, на социјалистите им се потребни 94 гласови во Парламентот составен од 140 пратеници, кои во моментов ги немаат.

Во меѓувреме, премиерот Еди Рама итно е повикан во Брисел на разговори со европските челници. Со насилните протести, меѓусебните обвинувања на политичка сцена, како и парламент без опозиција, Албанија како да се самоубива во време кога ЕУ треба да одлучи дали да ги почне преговорите со неа.

 

Алиса Шутиноска

 

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ